Во античкиот театар во Стоби овој јули, прекината е 17-годишната долга традиција на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, кој по три години преместување на сцената на затворено во велешкиот театар, ланското лето повторно беше вратен на отворената древна сцена во Стоби на радост на бројната повеќеилјадна публика.
Градоначалникот Аце Коцевски вели дека причина е што Министерството за култура на велешкиот театар не му одобрило буџет за премиерна традиционална претстава во Стоби. Воедно потсети и дека Фестивалот од Министерството за култура не беше поддржан при годинашната буџетска распределбата на средства за културни манифестации.
– Ние со нашиот скромен буџет не можевме да ги покриеме трошоците за покривање на Фестивалот - појасни Коцевски.
Министерот за култура Хусни Исмаили на новинарско прашање при неговата посета во Стоби на 12 јули годинава, дали Министерството би издвоило средства за одржување на барем една претстава, појасни дека тие финансиски би ја поддржале, но само ако се исполнат безбедносните услови во театарот, за што тој бил информиран од директорот на НУ „Стоби“.
фото: Весна Ивановска-Илиевска
Во писменото известување за медиумите од НУ Стоби, при посетата на премиерот Зоран Заев во Стоби на 12 јули годинава информирајќи за тековните активности во Стоби, тие воедно појаснија дека стручниот тим и раководителот на проектот за истражување, конзервација и реставрација на театарот во Стоби, сметаат дека театарот не е во состојба да прима публика од безбедносни и морално-етички причини. Освен во строго контролирани услови и со ограничен број посетители, сѐ додека истиот не биде конзерваторско- реставраторски третиран, од страна на стручниот тим. Според нив, секој пројавен интерес за користење на театарот е добредојден, но со стручен надзор и пропишани услови од страна на НУ Стоби.
Како што појаснува Спасе Перовски, директор на „Стоби“, во театарот во Стоби веќе завршиле истражувачките и моментално се извршуваат конзерваторските и реконструкцијата.
– Може да дојде публика во Стоби, но затоа ние како стручен тим треба да процениме во колкав број, поради безбедносни причини. Тоа значи дека за разлика од изминатите лета кога имаше повеќеилјадна публика, сега при евентуално одржување на театарска претстава би требало да се намали бројот на публика, а посебно во стариот дел од театарот. Во новиот реконструиран дел од гледалиштето на локалитетот, наскоро треба да бидат поставени и мермените седишта, информира Перовски.
Тој потецира дека досега до нив не било доставено ниедно барање за одигрување на театарска претстава.
фото: Весна Ивановска-Илиевска
Во театарот во Стоби ансамблот на велешкиот театар во 1992 година ја одигра првата претстава во Стоби и оттогаш по една секое лето сѐ до 2001 година, кога театарските работници заедно со Општина Велес го основаа Интернационалниот фестивал на античка драма Стоби.
Во изминатите лета на древната сцена велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ кој е основач на фестивалот имаше одиграно 20-тина претстави.
Во рамките на фестивалот беа одиграни 80-тина антички претстави со театарски ансамбли од Русија, Украина, Холандија, Турција, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Ерменија, Данска, Казахстан, Албанија и од земјава.
Извор: МИА