Доколку се плашите од летање, а не сакате да возите, следното ваше патување може да биде со воз. Во зависност од местото, возењето со воз може да биде најубавиот дел од патувањето. Некои патувања со воз се толку долги што сами по себе се туристичка атракција.
Така, Транссибирската железница го нуди најдолгото патување со воз на Земјата, поминувајќи 9.289 километри од Москва до Владивосток. Патниците поминуваат низ повеќе временски зони во период од 6 дена додека да стигнат од едната точка до другата. Меѓу другото, за време на патувањето се ужива и во погледот на планината Урал и Бајкалското Езеро, кое е најдлабоко езеро во светот.
На второ место на листата со најдолги железници е патувањето на железничката компанија „Виа рејл“ од Торонто до Ванкувер во Канада. Станува збор за тридневно патување за време на кое би ги виделе Карпестите Планини и други пејзажи.
Во продолжение е листата со најдолгите патувања со воз во светот.
1. Транссибирска железница, Русија - Москва-Владивосток (9.289 километри)
2. „Канејдијан“, Канада - Торонто - Ванкувер (4.466 километри)
3. Кина - железница од Шангај до Ласа (4.373 километри)
4. „Индијан пасифик“, Австралија - Сиднеј - Перт (4.352 километри)
5. „Вивек експрес“, Индија - Дибругар - Канјакумари (4.237 километри)
6. „Калифорнија Зефир“, САД - Чикаго - Сан Франциско (3.924 километри)
7. „Периз-Москау експрес“, Франција, Русија - Париз - Москва (3.215 километри)
8. „Д Ган експедишн“, Австралија - Дарвин - Аделаида (2.979 километри)
Извор:
Mentalfloss
Насловна фотографија: Pixabay