X
 27.05.2018 Живот

Бил бездомник, а сега оди на Харвард со добиена целосна стипендија

Кога бил дете, Ричард Џенкинс толку често кревал рака на час што другите ученици почнале да го викаат Харвард.

-Тоа им беше начин за да ме подбуцнуваат, демек, мислиш дека си многу паметен - објаснува тој.

Епа, излезе дека бил. Сега, по поминувањето на предизвикувачкото детство, овој средношколец од Филаделфија оди на Харвард со добиена целосна стипендија. Џенкинс се соочил со неколку потешкотии при растењето, вклучително и сиромаштија, болести и малтретирање од соучениците. Но тој ги претворил сите овие пречки во мотивација за да создаде подобра иднина за себеси и за фамилијата.

Тој и неговите двајца помали браќа две години биле бездомници откако домот на мајка им бил запленет, па се преселиле во Тенеси, а потоа во Флорида пред да се вратат во Филаделфија. Ричард се сеќава како живеел во прибежиште во шесто одделение и како сфатил дека академскиот живот може да стане неговиот излез.

-Тоа беше она што ме предизвика. Без оглед на сѐ, не можам да си дозволам пак да минувам низ тоа. Не можам да дозволам моите браќа или мајка ми да минуваат повторно низ тоа - вели Ричард.

Тој почнал да учи уште повеќе за да добие подобри оценки и да ја изостри својата љубопитност. Бил одличен на часовите и развил голем интерес во технологијата. И покрај тоа што имал мигрена поради која бил и хоспитализиран во прва година, Џенкинс пак бил одличен на училиште. Кога мајка му слушнала дека има слободно место во училиштее во Филаделфија за надарени деца на самохрани родители, таа го охрабрила да аплицира. Била воодушевена кога го примиле.

Фото: CNN

Кога дошло време да аплицира за на факултет, Џенкинс решил да проба да влезе на Харвард и други универзитети од Бршленовата лига откако добил имејл од нив. Кога дознал за одлуката на универзитетот бил на патување во Париз.

Џенкинс отворил неколку табови на компјутерот, по еден за секој универзитет во кој аплицирал. Таман помислил дека треба да почне да бара други опции, видел дека од Харвард му посакале добредојде. Добил целосна стипендија и стипендија за соба.

Тој планира да учи компјутерски науки со посебен интерес за вештачка интелигенција. Џенкинс сака да учи и јапонски јазик и кендо.

Неговиот кум собира средства преку интернет за да може Џенкинс да си купи нова облека и таблет.

Во меѓувреме, Џенкинс има еден совет за другите деца кои имаат големи соништа.

-Ќе има периоди кога ќе се сопнувате или ќе мислите дека не сакате да продолжите, но сѐ додека се држите до планот, ќе бидете добро - вели Џенкинс.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот