X
 28.09.2020 Образование

Паника дека не функционира онлајн-платформата, МОН смирува – во тек е тестирање

Викендов учениците ги добија личните профили и лозинките за приклучување на онлајн-платформата

Бурни реакции се шират на социјалните мрежи дека не функционира националната платформа за онлајн-настава. Родители реагираат дека не можат да се вклучат, наставници дека им е одбиен пристапот. Министерството за образование и наука испрати соопштение до медиумите и ги информира граѓаните дека во тек се тестирањата, односно фазата кога се детектираат и надминуваат сите предизвици.

Национални обучувачи за Факултети.мк објаснија дека во тест-периодот се очекуваат секакви ситуации – нечие име да го нема во системот, друго да се појавува неколку пати. Ова се должи на фактот што базата на податоци со години не била ажурирана. Но, според Игор Богданоски, национален обучувач, на овој начин ќе се коригираат грешките.

Онлајн-платформата ќе ги издржи наставниците, проблем е училиштата да ја издржат платформата

Викендов учениците ги добија личните профили и лозинките за приклучување на онлајн-платформата. Препораката беше да се логираат во системот со дадена лозинка, да ја сменат и да ја запомнат новата зашто креирање на нов профил во овој момент е исклучително комплициран процес.



Од МОН информираат дека течат тестирањата на националната платформа преку која ќе се одвива наставата од далечина од 1 октомври.

- Тестирањето е дел од постапката за да се постигне целосна функционалност на платформата, и во тест-фазата се детектираат и надминуваат сите предизвици. За да обезбедиме целосно функционална платформа до почетокот на учебната година, тестирањата продолжуваат и во наредните денови. Во моментов се прават сите подготовки, тестирања и оптимизации на платформата - велат од МОН.

ФИНКИ прави платформа за онлајн-настава за 300.000 корисници

Унифицираната национална платформа за онлајн-настава со двонасочна комуникација во сите училишта во Македонија ја подготвува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Активната работа почна кон крајот на август. Упатените велат дека не е мал предизвик да се направи платформа која ќе поддржува 300.000 корисници во ист момент, но не е невозможно.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование