Оваа Нова година ќе ја пречекаме викајќи „јееј!“ заедно со Биби, Боби, Дино, малата вештерка, зазулчињата и сите ликови од „Светот на Биби“.
На 31 декември во 19 часот сите деца (и родители) ќе можат да ја гледаат новогодишната емисија – 25-минутен цртан со песнички, потсетување на омилените моменти од цртаните во 2020 год. и многу други изненадувања. Сè што треба да направите е да се регистрирате на
edukacija.svetotnabibi.mk. Регистрацијата е многу едноставна и бесплатна. Местата не се ограничени, а поканети се сите деца!
На
edukacija.svetotnabibi.mk, покрај емисиите и цртаните, ќе бидат објавувани и низа едукативни содржини и видеа за децата.
Новогодишната емисија, која ќе ја емитуваме на 31 декември, ќе ги однесе децата на прослава во волшебната шума. Водител ќе биде Штркот, а главни ѕвезди ќе бидат Биби, Боби и другите ликови со кои се дружевме во 2020. Емисијата е исполнета со позитивна енергија, музика и хумор. Па така, во овие минути покрај децата, со сигурност ќе уживаат и родителите.
Тимот што работеше на оваа емисија е веќе добро познат. Илустратор и креативен директор е Тхе Мичо, сценариото е на Билјана Црвенковска, гласовите ги позајмија Слаѓана Вујошевиќ, Сашко Коцев и Сашка Димитровска. Режијата е на Никола-Чикос. А, секако, на овој проект работи и многу поголем тим од соработници, аниматори и монтажери. Сите тие беа посветени на креирањето на 25-минутната магија која ќе ни помогне да избегаме од 2020 година и да влеземе во „Светот на Биби“, децата и жителите од волшебната шума.