Приказната е исполнета со мистерија, автентичност, но и длабоки поуки - вклучувајќи ја поуката дека дечињата треба да поминуваат помалку време со електронски уреди, а повеќе создавајќи спомени со другарчињата, вели Бонита
Бонита Колевска е авторка на „Вампирчето Бу“, добитната сказна од многубројните авторски приказни пристигнати на последниот конкурс кој беше објавен од „Светот на Биби“. Жирито на „Светот на Биби“ ја избра приказната за вампирчето Бу за најдобра сказна. По успешно реализираниот конкурс за избор на најдобрата сказна и нејзина публикација, „Светот на Биби“ повторно распиша конкурс за креирање нови приказни (сказни) со ликовите од „Светот на Биби“ (тука може да се стави линк од конкурсот)
Колевска со нетрпение чекала нејзината сказна да добие корица и да оживеат ликовите.
- Од првиот момент кога случајно ми се појави огласот за конкурсот, се почувствував повикана да одговорам. Во истиот момент ми надојде наплив од идеи и бев обземена од сите авантури што потенцијално можеа да се случат. Не ме изненади фактот дека победив на конкурсот. Некои работи можете да ги видите и почувствувате толку чисто, што едноставно нема како, а да не се случат – ни изјави Бонита.
Приказната е исполнета со мистерија
Биби, Боби и малата вештерка Фи неколку ноќи по ред гледаа едно светленце во шумата, но од каде доаѓаше? И дали знаете дека во Волшебната шума има еден стар, напуштен замок во кој никој не се осмелува да влезе? А кој живее таму, открива токму приказната „Вампирчето Бу“.
Бу е принцот на Бусилванија кој е протеран во Волшебната шума бидејќи наместо да плаши луѓе во ноќта - времето го поминува играјќи игри на телефонот. Всушност, Бу е вампирче со добра и осамена душа во потрага по другарчиња кои го прифаќаат таков каков што е.
- Приказната е исполнета со мистерија, автентичност, но и длабоки поуки - вклучувајќи ја поуката дека дечињата треба да поминуваат помалку време со електронските уреди, а повеќе создавајќи спомени со другарчињата, како и поуката дека не треба да ги судиме луѓето според тоа како изгледаат, туку треба да посветиме време да ги запознаеме – вели Бонита.
Пораката на Бу е да се поминува помалку време на електронските уреди
Таа ги охрабрува сите што се полни со идеи да се пријават на конкурсот и да ги споделат.
- Замислете си дека идеите што живеат во вашата глава можат да се претворат во книга која ќе ги допре срцата на мнооогу малечки читатели. Чувството е бесценето и е посилно од секој внатрешен глас кој се обидува да ве одврати од тоа да се обидете. Пред неколку дена видов татко кој му ја читаше книгата на своето детенце и иако сум добра со зборови, не успевам да пронајдам зборови за да опишам како се почувствував. Ослободете ја фантазијата и среќно – вели Колевска.
Таа е дипломиран економист на отсекот маркетинг на Економскиот факултет при УКИМ и магистер по интернационален бизнис при Економскиот факултет во Љубљана.
- Работам и сум заљубена во дигиталниот маркетинг, а во моментов сум вработена како копирајтер - што накратко значи: пишувам и осмислувам реклами, создавам приказни за различни брендови… или уште пократко: си имам работа со зборови, секој ден! Уште една љубов која ја имам е создавањето детски приказни и книги. Ако ги прашате луѓето за мене, дел ќе ви кажат дека многу сакам деца, а дел - дека никогаш не пораснав – ни соопштува Бонита.
Фото: приватна архива