X
 29.01.2019 Живот

Македонија на 93. место според корумпираност

„Транспаренси интернешнл“ го објави Индексот за перцепција на корупцијата за 2018 година. Индексот открива дека континуираниот неуспех на повеќето земји да ја спречат корупцијата придонесува за кризата на демократијата во светот.

- Со оглед на загрозеноста на многу демократски институции низ целиот свет, треба да направиме повеќе за зајакнување на механизмите за рамнотежа и контрола и заштита на правата на граѓаните - изјави Патриша Мораира, генерален директор на „Транспаренси интернешнл“.

- Корупцијата ја нагризува демократијата и создава магичен круг во кој ги поткопува демократските институции, а така ослабени тие се помалку способни да ја контролираат корупцијата - додава така.

Индексот е составен врз основа на 18 истражувања и процени на експертите со цел да се испита корупцијата во јавниот сектор во 180 земји и територии, со оцена од 0 (висока корумпираност) до 100 (отсутност на корупција).

Maкедонија има 37 поени од вкупно 100, што е многу полошо од просекот на Западна Европа и Европската Унија (што изнесува 66) и се наоѓа на 93. место.

Од земјите во регионот, најниска перцепција за корупција има во Словенија, која се наоѓа на 36. место, па Хрватска на 60. место. По неа се Црна Гора, Грција, Бугарија, Турција, Србија и Босна и Херцеговина.

Повеќе од две третини од земјите оствариле резултат под 50 поени, со просечен резултат од 43 бода. Од 2012 година само 20 земји, вклучувајќи ги Аргентина и Брегот на Слоновата Коска, значително го поправија својот резултат, додека 16 земји, меѓу кои и Австралија, Чиле и Малта, го влошиле резултатот.

Данска и Нов Зеланд се наоѓаат на врвот на Индексот со 88 и 87 поени, додека на последно место се Сомалија, Јужен Судан и Сирија со по 10, 13 и 13 поени. Најдобро рангиран регион е Западна Европа, како и ЕУ, со просечен резултат 66, додека најлошо пласираните региони се Супсахарска Африка со просечни 32 поени, и Источна Европа и Централна Азија со просечни 35 поени.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот