X
 11.04.2023 Економија

Македонија ја зголемува својата автомобилска индустрија, а платите и натаму се ниски

Индустријата за автоделови стана клучна за економијата на Македонија, но поради ниските плати, дел од потенцијалните работници се држат подалеку од неа.

Коста Атанасов во 2017 година бил на прагот да ја напушти Македонија и да замине во Обединетото Кралство. Но тогаш дознал за производител на автоделови што отворил фабрика во едно од неговите омилени места, Охрид.

Атанасов, кој има 33 години, поминал две и пол години работејќи во странска компанија за нафта и гас и поради работата поминувал повеќе време во Африка отколку дома. Кога еден негов пријател починал од маларија, тој решил дека е доста.


Фото: Приватна архива/Коста Атанасов

Вооружен со диплома по инженерство за моторни возила, тој аплицирал за работа како инженер за планирање на производството во „Костал Македонија“ во Охрид, некогаш дом на фабрика за производство на ремени, ретровизори и други делови за познатата југословенска марка „Застава“.

Атанасов денес е менаџер за планирање на производството и неговите колеги секој декември му се придружуваат на роденденско капење во ладните води на Охридското Езеро.

- Напорот што го вложуваме за нашите работни места, на крајот се исплати - вели Атанасов.

А тој не е единствениот што има бенефит од растечкиот автомобилски сектор во Македонија. Во 2019 година 15. најголеми компании од индустријата за автомобилски делови во Македонија, меѓу кои и германската „Костал“, оствариле вкупни приходи од 2,8 милијарди евра, што е еквивалент на една четвртина од бруто-домашниот производ на земјата (БДП), покажуваат податоците од државната инвестициска агенција „Инвест Северна Македонија“. Овие 15 компании учествувале со 43% во вкупниот годишен извоз.

Самиот „Костал“ го зголемил бројот на работници во Македонија од 48 во 2015 на речиси 1.000 во 2022 година.

Додека некои експерти предупредуваат на опасноста од прекумерно потпирање само на извозната индустрија, други велат дека таквата инвестиција создава шанса за диверзификација на извозот, со оглед на разновидноста на материјалите што се користат во овие фабрики. Земјата неодамна се оддалечи од традиционалниот извоз, како оној на железо и челик, во корист на низа производи со повисока вредност, како што се машини и транспортна опрема, како и хемиски и сродни производи.

- Иако има поголема концентрација на извозни производи, произведени во зоните (индустриските зони), тоа се производи кои бараат повисок степен на обработка, од производите што претходно ја сочинуваа структурата на македонскиот извоз - вели Катерина Тошевска-Трпчевска, професорка по мултилатерален трговски систем и меѓународните трговски трансакции од Скопје.

Таа нагласува:

- Доколку има поголема концентрација на производство и извоз на производи од автомобилската индустрија во и од Македонија, тоа може да се искористи како предност за специјализирање во овој сектор и за зајакнување на позицијата на овие компании во глобалниот синџир на снабдување.


Фото: Фабрика „Костал“/Влада на Северна Македонија

Сепак, потпросечните плати и натаму се прашање што создава грижа за континуираниот раст на индустријата.

Раст на производството

Балканот, по завршувањето на Студената војна, во голема мера го пропушти проширувањето на автомобилската индустрија во Централна и Источна Европа. Но, бидејќи платите, на пример, во Унгарија, Словачка и Чешка растат, дел од големите производители на автомобили и автоделови почнаа да бараат други локации.

Во Србија, извозот на машини и транспортни возила, во вкупниот извоз на земјата во првите 11 месеци од 2022 година, учествувал со околу 27 отсто, додека во Босна и Херцеговина, за истиот период, извозот на машини, електрична опрема и возила, изнесувал околу 17 отсто од вкупниот извоз. На другиот крај на скалата, во Албанија, машините, опремата и резервните делови, во вкупниот извоз, учествувале само со 8 отсто.

Во Македонија, производствената индустрија е најголем работодавец во земјата, која во вториот квартал од 2022 година, според најновите податоци на националната статистичка агенција, исплатила плати на околу 21,5 отсто од вкупната работна сила. Следуваат трговијата на големо и малопродажниот сектор и индустријата за поправка на возила.

Инвестицискиот бум во автомобилската индустрија значително ја промени извозната структура на земјата, во која во изминатата деценија доминира производствениот сектор, по долг период во кој металите и текстилните производи го сочинуваа главниот извоз на земјата.

Помеѓу јануари и октомври минатата година, на пример, Македонија извезла готови производи во вредност од 6,2 милијарди евра, односно 89 отсто од вкупниот извоз. Меѓу најголемите извозни дестинации се Германија, Бугарија, Србија, Грција и Италија...

Остатокот од текстот прочитајте го на „Балкан инсајт“.
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија