Компанијата „Фејсбук“ го смени името во „Мета“, објави основачот Марк Закерберг на виртуелна презентација. Новото име треба да одговара на новата стратегија на компанијата во чии рамки таа ќе создава метаверзум.
Метаверзум претставува виртуелно опкружување во кое луѓето може да комуницираат меѓу себе со технологии за променета реалност, виртуелна реалност и слично. Тоа треба да биде сосема нов вид комуникација на интернет врз основа на виртуелната и променетата реалност.
- Верувам дека метаверзумот е следното поглавје на интернетот, како и нашата компанија. Се базираме на технологија која помага во спојување на луѓето едни со други. Денес нè гледаат како социјална мрежа, но во основа на сè - ние спојуваме луѓе. Метаверзумот е следната граница, да се телепортирате каде било, да може да искусите што сакате, со кого сакате, во кој било момент. Заедно може да создадеме цела нова платформа и да создадеме една нова креативна економија во која со ставање очила на главата ќе може да влезете во нов свет. Апликациите нема да се променат, сè ќе остане исто, но метаверзумот ќе биде во центарот на нашите активности - објаснил Закерберг.
Еден од примерите за примената на метаверзумот е девојка која е на концерт во Лос Анџелес и ѝ се јавува на пријателка од Јапонија, која виртуелно се префрла на концертот во живо. Потоа двете заедно (и виртуелно) одат на виртуелна забава на која има луѓе од целиот свет.
Како прв чекор, Закерберг покажал неколку игри со виртуелна реалност и можност за вежбање со помош на виртуелни очила. Прикажани се и можности за учење и работа. Компанијата планира да вложи 150 милиони долари за развој на апликации за учење во метаверзумот.
Компанијата веќе има очила за виртуелна реалност, но најавен е и развој на понапредни уреди од овој вид.
Социјалните мрежи си ги задржуваат имињата.
Извор:
Jutarnji