Со претставата „Кула вавилонска“ од Горан Стефановски, драмската секција на „Јосип Броз -Тито“ од Скопје денеска ќе учествува на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани. Во претставата играат: Мина Јелушиќ, Ведран Чешарек, Ведрана Петрова, Софија Атанасоска, Анастасија Ташковска, Јосиф Попов, Лука Алексиќ, Лука Шијаков и Ангела Миливоевиќ, која и ја режираше претставата. Нивна менторка е професорката Емилија Величкова. Музиката е на Нино Јовановски.
- Благодарни сме што во ова време-невреме постои фестивал кој ни овозможува да го прикажеме тоа што сме го работеле со месеци, иако како аматери, сепак како страсни љубители на театарот и млади луѓе кои се надевам дека еден ден ќе помогнат со своите идеи и труд да го однесат македонскиот театар чекор понапред - вели Мина Јелушиќ, ученичка во оваа гимназија, која ја толкува главната улога во претставата.
За Ангела, месеците на подготовка на оваа претстава биле едни од најубавите и највозбудливите. Таа признава дека со големо задоволство направиле претстава според текст на Горан Стефановски и дека заедно со своите другари - театарски аматери морале да поминат низ многу препреки за да ја остварат својата цел.