Постојат филмски жанрови што сакаме да ги гледаме повеќе пати, а романтичните комедии дефинитивно се меѓу нив. Љубовните приказни зачинети со хумор, со незаборавни дијалози и со шармантни главни ликови процветаа во текот на деведесеттите години.
Токму во деведесеттите години настанаа филмовите на кои и денес со задоволство им се враќаме кога сакаме малку романтика, носталгија и добро расположение.
Во продолжение ви пренесуваме 10 омилени романтични комедии од деведесеттите:
Згодна жена (1990)
Една од најпознатите романтични комедии на сите времиња ги следи богатиот бизнисмен Едвард и Вивијан - симпатична девојка која ја запознава на улиците на Лос Анџелес. Она што започнува како деловен договор постепено прераснува во неочекувана љубовна приказна. Џулија Робертс и Ричард Гир создадоа еден од најлегендарните филмски парови.
Романса во Сиетл (1993)
Том Хенкс и Мег Рајан се ѕвездите на оваа нежна љубовна приказна за вдовецот Сем и новинарката Ени, која се заљубува во него откако ќе го чуе во радиоемисија. Иако речиси во целиот филм не се среќаваат, нивната хемија и денес ги освојува гледачите.
Четири венчавки и еден погреб (1994)
Британската романтична комедија со Хју Грант го следи Чарлс и неговата потрага по љубов низ низа венчавки и еден емотивен последен собир. Филмот стана голем хит благодарение на духовитото сценарио и шармантната атмосфера.
Додека спиеше (1995)
Сандра Булок ја глуми осамената Луси, која по еден несреќен случај ќе се најде во необична ситуација – семејството на мажот во кој е тајно заљубена верува дека таа му е свршеница. Но, работите стануваат уште покомплицирани кога ќе го запознае неговиот брат.
Подобро не може (1997)
Џек Николсон и Хелен Хант брилираат во приказната за намќорестиот писател опседнат со рутина и келнерката која постепено го менува неговиот поглед на животот. Филмот е спој на романтика, хумор и трогателни животни моменти.
Имаш порака (1998)
Уште еден класик со Мег Рајан и Том Хенкс ја носи приказната за двајца деловни ривали кои анонимно се заљубуваат преку интернет, не знаејќи кој се крие зад пораките. Филмот совршено ја доловува романтиката на раните денови од онлајн допишувањето.
Сите се луди по Мери (1998)
Оваа откачена комедија го следи Тед, кој со години не може да ја заборави Мери, девојката од средно училиште. Кога повторно ќе ја најде, сфаќа дека не е единствениот маж што е заљубен во неа. Филмот стана познат по својот специфичен хумор и незаборавните сцени.
Јас верувам во љубов (1999)
Култната романтична комедија го следи Вилијам Такер, повлечениот сопственик на мала книжарница во лондонскиот кварт Нотинг Хил, кому животот целосно му се менува кога во неговиот дуќан случајно ќе влезе Ана Скот, голема филмска ѕвезда. Помеѓу нив се развива романса, но ја отежнуваат огромното медиумско внимание, различните животни стилови и притисокот на славата.
10 причини зошто те мразам (1999)
Модерната тинејџерска верзија на Шекспировата „Скротувањето на опаката“ стана еден од најомилените филмови на генерацијата од деведесеттите. Хит Леџер и Џулија Стајлс ја освоија публиката со приказната за бунтовната Кет и шармантниот Патрик.
Таа е сè (1999)
Популарниот средношколец Зек прифаќа облог дека од повлечената и затворена Лејни може да направи кралица на матурската вечер. Но, во текот на тој процес помеѓу нив се развива вистинска љубов. Филмот е еден од заштитните знаци на тинејџерските романтични комедии од деведесеттите.
Фото: принтскрин/јутјуб