Резултатите од студентските стипендии ќе бидат објавени в понеделник, изјави денеска за Факултети.мк заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов. Веќе три недели студентите и нивните родители нестрпливо очекуваат одговори од МОН, иако во конкурсот објавен за учебната 2018/2019 година стои дека списокот на кандидати „на кои им се доделува студентска стипендија ќе биде објавен на 11 јануари на веб-страницата на Министерството за образование и наука“.
Никој не објаснува на што се должи доцнењето.
- Очекував да доцнат и годинава, но не дека веќе три недели нема да има ниту трага ниту глас од Министерството за образование и наука. Аплицирав и пред две години. И тогаш доцнеа, а причината беше дека се избираше нова Влада. И покрај тоа, порано ги објавија резултатите. Минатата година требало на 10, но ги објавиле на 18 јануари.
Во конкурсот стоеше дека најдоцна до „25 јануари“ добитниците на стипендии ќе го потпишат договорот за стипендија со Министерството за образование. Сите кандидати што нема да го почитуваат овој рок ќе се смета дека се откажуваат од стипендијата.