Факултети.мк ќе објави интервјуа со сите кандидати за ректор на УКИМ
Двете најважни ставки по кои сме оценувани се наставата и нашите ресурси и, секако, научноистражувачката дејност или објавувањето научни трудови. Ако добро се организираме, лесно ќе почнеме да се искачуваме на овие скали на мерење на квалитетот. Нема да можеме преку ноќ, но заедно со професорите и истражувачите, и заедно со студентите ќе почнеме да работиме и да „произведуваме“ наука, а работатa сама ќе нѐ промовира. УКИМ мора повторно да стане центарот на квалитетот на високото образование кај нас, вели проф. д-р Петар Атанасов, кандидат за ректор на УКИМ.
Проф.д-р Петар Атанасов
Атанасов предава на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од 2001 година, каде што од 2011 година е редовен професор по социологија и комуникации. Учествува во повеќе научноистражувачки проекти на полето на политичката култура, демократизацијата, инклузивноста на општеството, дискриминацијата и предрасудите, граѓанското општество, сегрегацијата и образованието и др. Атанасов беше заменик-министер за образование во 2019 година.
Што прво ќе направите на УКИМ ако Ве изберат за ректор?
- Прво, ќе направиме една голема журка на еден од кампусите за да го прославиме денот кога УКИМ почна да живее слободно и автономно. Се разбира, ако условите со пандемијата го дозволат тоа. Ако не, ќе смислиме нешто да биде онлајн. Заедно со студентите да го одбележиме доаѓањето на новото време во кое се отвораат нови можности за сите на универзитетот.
Второ, ќе ги викнам на кафе сите поранешни ректори за да ми кажат кои грешки да не ги правам и ќе ги замолам да го споделат нивното искуство со мене. Во нив лежи многу знаење за раководењето со универзитетот.
Трето, ќе однесам неколку илјади студенти и професори пред Министерството за образование и/или пред Собранието и ќе им кажам дека во овие две институции работат луѓе што одлучуваат за нас, за финансирањето на образованието и науката, кои одлучуваат за студентскиот стандард и за нивните стипендии. Тие одлучуваат дали за науката ќе се издвојат 0% или некој солиден буџет за да можат професорите и студентите да истражуваат и да пишуваат анализи и книги со сознанија во областите во кои се нивните студиски групи. Ќе им пренесеме на институциите дека сакаме партнерство и соработка. Состојбите одамна не се розови. Ние мора заедно да ги решаваме проблемите. Дојдовме до крајот на патот, мора да најдеме излез од оваа апатија.
Се разбира, дел од мојот тим веднаш ќе замине за Брисел за да видиме кои се можностите за аплицирање за финансиски ресурси во насока на нови научноистражувачки проекти. Мора да почнеме да ги искористуваме европските фондови, кои тежат повеќе милијарди евра.
Имаме нов Закон за високо образование, кој беше најавуван на голема врата дека е во насока на враќање на автономијата на УКИМ и негов развој. Колку, според Вас, овој Закон му помогна, а колку го забави напредокот на УКИМ?
- Со новиот Закон за високо образование се создадоа можности за почеток на реформи во високото образование во насока на поголема автономија, за подемократско управување со универзитетот и за институционално решавање на големите нерешени прашања со финансиите, квалитетот и планирањето на развојот на високото образование. Студентите од Универзитетското студентско собрание се веќе членови на сите универзитетски тела, а работата повторно стои. Сите сакаат промени, а никој ништо не прави за тие да се случат. Значи, можностите се тука, но за жал, во изминатите две години речиси и да не се мрдна од место поради неформирањето на најавените образовни институции, кои мора да дадат решенија за важни прашања и проблеми.
Можеби проблемот е во тоа поради инертноста на УКИМ и поради пасивноста на ректорската управа, која повеќе се грижеше за своите привилегии и плати отколку за квалитетот на образованието. Овој закон во некои свои одредби дава големи можности, но има и делови кои треба да се стегнат за да се концентрираме на поголем квалитет. Треба да работиме заедно и повеќе и подобро.
На сите светски ранг-листи секоја година УКИМ оди сѐ подолу и подолу. Ако Ве изберат за ректор, што ќе преземете за да се смени оваа состојба?
- Оваа состојба може да ја промениме за три години. Двете најважни ставки по кои сме оценувани се наставата и нашите ресурси и, секако, научноистражувачката дејност или објавувањето научни трудови. Ако добро се организираме, лесно ќе почнеме да се искачуваме на овие скали на мерење на квалитетот. Нема да можеме преку ноќ, но заедно со професорите и истражувачите, и заедно со студентите ќе почнеме да работиме и да „произведуваме“ наука, а работатa сама ќе нѐ промовира. УКИМ мора повторно да стане центарот на квалитетот на високото образование кај нас. Ректорот на УКИМ раководи и со Интеруниверзитетската конференција, тело на сите универзитети. Тука заедно ќе бараме од државата да ги пренасочи своите скромни ресурси кон научните истражувања на факултетите и институтите, а не кон непродуктивните дејности. И тие малку пари што ги има со првиот ребаланс се одземаат и се покриваат дупките во други области. Најважно е да се поддржат луѓето што сакаат да истражуваат и да ги објавуваат своите трудови и овде и во светот.
Со години наназад науката е ставка за која се извојува очаен дел од буџетот. Каква трансформација на ова поле предлагате?
- Има мислења дека треба повторно да се формира Министерство за наука. Јас мислам дека тоа е добро, но не е неопходно. Ќе ни одземе многу време, а време за губење немаме. Знаете, ситуацијата е како да имате Влада со 20 министри или Влада со 5 министри. Мислам дека Влада со 5 министри може многу поефикасно да ги менаџира работите. Засега е доволно нашето Министерство за образование, но работите мора да се менуваат во насока на многу подобро планирање и спроведување на договорените политики и проекти.
Јас сум детаљно запознаен со времето кога во институциите се планираат годишните планови и буџети и мора токму во тој период да се интервенира. Поминав една година како претседател на Комисијата за образование и наука во Собранието на РС Македонија и десет месеци во Министерството за образование и знам како функционираат овие институции однатре. А и директно ги познавам луѓето што работат на образовните планови и политики.
Институциите ќе мора да научат дека тие треба нам да ни помагаат и да ни служат, а не ние нив да ги молиме. Професорите и студентите не се ниту клиенти ниту потрошувачи. Ние не сме даватели на услуги, ние сме производители на иднината на оваа држава. Од нас зависи развојот на ова општество. Ако е тоа така, ајде да работиме заедно за подобро утре.
Фото: Борче Поповски