X
 31.01.2021 Наша тема

Глигор Васков, уметник: Не сакам да правам слика заради слика, сликарството дефинитивно нема работно време, а и по 26 години работа со ученици немам замор

Академскиот уметник Глигор Васков завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје на одделот за сликарство, во класата на Ристо Калчевски во 1991 година. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1991 година. Зад себе има 16 самостојни и повеќе од 100 групни изложби, учесник е и на 60 ликовни колонии, добитник на 5 државни награди. Работи во ДСГГУ „Здравко Цветковски“ – Скопје како професор по ликовна уметност

Вашата нова изложба под наслов „Дестилација“, иако беше закажана уште пред една година, дури сега дојде на ред поради пандемијата, отворена е во декември во Домот на културата „Кочо Рацин“ и сè уште трае. За што станува збор?

- Тоа е заедничка изложба со моите ценети колеги Александар Таневски и Ангел Коруновски. Без разлика на ситуацијата, би било добро да биде под опсервација на публиката и критиката. За жал, јас како учесник бев спречен да одам на отворањето на сопствената изложба, па ја отворија моите колеги. Сите тројца излагаме по девет дела и преферираме сличен пристап, слики – објекти. Делата се испреплетуваат во целина. Користиме различни материјали, апликации, гама на бои, форми, но не се губи индивидуалноста, секој со своја приказна, афинитет, дух, енергија, поглед на ликовната уметност, перцепција на внатрешниот и надворешен свет. Моите девет дела ги сметам за вовед во уште една самостојна изложба, од причина што оваа фаза ја креирам веќе 15 години и во неа имам околу 200 дела, кои воопшто не се изложувани. Појдовната точка ми беа профани и сакрални објекти. Несвесно, со години сум ги перципирал, со време ми оставиле впечаток како базична дестинација на човекот. Куќа, дом, црква, џамија, навидум тоа е сè околу нас, а во суштина е фундаментално за секое битие, па и за животните. Секој човек си ја сака топлината на својот дом, кој е база, врв на секое човечко дејствување. Некако само таму сме сигурни. Сиве овие слики-објекти ги сведов на едноставна симетрична рамнотежа. А тие се сложени, дури психолошки и филозофски комплицирани. Комплексно барајќи монохромни бои, експериментирајќи со различни материјали: дрво, метал, платно, пластика и др., сè е сведено на симетрија, гледачот да го почувствува знакот, симболот на куќа.



И пред некоја година имавте заедничка изложба, „Рефлексии на херметичноста“, со скулпторот Ангел Коруновски. Како се допираат мислата и интелектуалното на двајца различни уметници и тоа во различни подрачја на уметноста?

- Да, со Ангел Коруновски се знаеме одамна, преку ликовни колонии, и како сите ликовни уметници, многу сме разговарале за уметноста. Ги анализиравме нашите дела секогаш со некоја временска дистанца, па така се роди идеја за заедничка изложба. Секогаш е предизвик да изложуваат двајца, а на сегашнава изложба тројца уметници. Потребни се иста фреквенција, слична размисла за перцепција, сличен начин и темпо на изработка на делата, интелектуално ниво за разбирање на ликовните разлики, енергија со поинакво опкружување, карактер. Прв предизвик беше што јас сум сликар, а Ангел вајар. Иако се работи за различни подрачја во уметноста, тоа се покажа како ирелевантно. Минималистичкиот приод направи сплотена и комплексна изложба, спој на знаци, симболи и асоцијации. Кога нешто доаѓа спонтано и е дадено онака како што е дадено, отпаѓа сè што е договорено. И кај Ангел и кај мене има херметичност, ама испраќа различна рефлексија.



Тогаш рековте дека тоа е соработка што треба да се развива. Дали може да очекуваме некоја слична поставка, Коруновски тогаш спомена дека следниот чекор би можел да биде јавен објект што би красел некој од нашите простори?

- Тоа беше одлична идеја што ја предложи Ангел. Ја конципиравме, ја скициравме. Поентата беше скулптурата да ја направи Ангел, а јас да ја насликам. Требаше да биде висока 3 метри и да биде поставена на плоштад. Поради материјални пречки, идејата засега не се оствари, ама сè уште постои. За некои работи фактор е времето.

Соработките со други уметници не ви се туѓи. Своевремено со кумановскиот сликар Часлав Марковиќ работевте на едно дело за кое подоцна ја добивте и наградата на Друштвото на ликовни уметници - „Вангел Коџоман“. Не е ли тоа прилично комплексен начин на усогласување на работата?

- Сум соработувал со повеќе колеги на заеднички изложби и проекти: Ратка Илиевска-Лале, Боро Арсовски, Часлав Марковиќ, Ангел Коруновски, Александар Таневски и др. Нормално, изложбата со Часлав Марковиќ беше еден од најпредизвикувачките, најнепредвидливите и најкомплексни проекти. Морам да си признам дека денес такво нешто не би прифатил. Со Часлав, исто така, во некоја временска дистанца ја разглобувавме уметноста да не кажам до фрактал, одлучивме со чиста енергија и дадено знаење да направиме заедничка изложба, и тоа да работиме заедно на секое платно, пола јас, пола тој, на формати 3 на 3 метри. Сложено е кога делиш едно платно, со другите уметници сме работеле секој на свое, па ако се пронајдете, океј. Амбициозно. Темата беше филозофска - ред и хаос, на сето тоа требаше да се усогласиме со ликовните проблеми и моменти. По некои шест месеци, со многу дилеми дали да се продолжи, со многу компромиси успеавме да ги срочиме целосно, а да бидеме задоволни и двајцата. Кога ја поставивме изложбата во КИЦ, јас, а верувам и Часлав сфативме дека сме направиле добри дела. Тоа беше долго патешествие низ лавиринтот наречен ликовна уметност, незаменливо искуство. Впрочем, оваа изложба беше прогласена и наградена за најдобра на годината од тогашниот директор на КИЦ, Љупчо Маленко.



Вашите слики се одраз на чиста естетика, а се забележува и посебен однос кон текстурата. Кои се основните вредности и принципи во уметноста што ги следите?

- Секој уметник реферира кон одредена стварност. Универзалноста на таа стварност е добредојдена. Тоа се должи на багажот што го носи секој човек од најмала возраст, со какви играчки си играл, интелектуалното ниво, емоција, сензитивност, психолошката состојба, филозофските, естетските и ликовните видици, визуализација и разбирање на природата, социјален статус... Моето ликовно патешествие, иако некако изгледа како на лента, никогаш не сум го избрзувал. Свесно и понекогаш несвесно, сензибилно сум оставал спонтано да се одвиваат работите, сите фази што сум ги поминал. Времето течело, сите трансформации си доаѓале. Некој може да направи десет слики во еден ден, некој една за една година. Таквите сензибилни напливи едноставно немаат правила, индивидуалноста на уметникот го одредува таквото, навидум, чудно темпо. Дури и паузите се неопходни за креирање една слика или цела низа на слики. Континуираното инсистирање на креации само направило да се вртам во круг. Не сакам да правам слика заради слика, сликарството дефинитивно нема работно време. Изминативе 20-ина години некако сум се приклонувал на програмирани, свесни или несвесни, диференцирани или фрактални стварности и перцепции. Формите ги создавам како сублимат на некоја своја целосна перцепција. Моето ликовно доживување го гледам крајно субјективно, да оформува апстрактно-асоцијативни целини. Визуелните форми, бои, текстури, линии ги артикулирам во знаковни и симболични содржини, за гледачот да ги чита како сака. Можеби затоа одразот е навидум естетски. Значи гледам да нагласам агломератни, дури и на моменти поетизирани апстрактни претстави, преку строга геометриска, и како што реков знаковност и поредок, со мултиплицирани структурни композиции. Во суштина јас не барам алиби за своето сликарство од надворешните влијанија и поттици. Но, и тие не се исклучени?!



Останувате верен на сликарството и апстракцијата. Сте посакале ли да се испробате и во други правци, жанрови и насоки?

- Отсекогаш сум цртал, многу сум цртал, ме третирале како талентирано дете. За моја среќа и моја чест, од 5. до 8. одделение ми предаваше ветеранот на македонската графика и светски графичар и сликар Божин Барутовски. Како ликовен педагог, уште повеќе ме поттикна, влијаејќи врз моето натамошно цртање и сликање. Покрај него ја сфатив силата на уметноста од најмали нозе. Веќе во средното уметничко училиште сите ликовни проблеми што ми ги даваа професорите веќе ми беа лесни и уживав во нивно решавање. Таму го испеков занаетот, како што се вели. На Факултетот за ликовни уметности веќе беше друга приказна. Сликата се шири, имаш претстава за цела историја на уметност, за сите сликари, вајари, графичари, и свест за импресијата и функционалноста на природата, за луѓето, опкружувањето околу тебе, и почнува експериментирањето. Сакаш сè да пробаш. Како мало дете фатено со прстот во мед, како ходник со илјада врати и не знаеш која да ја отвориш.
Почнав со реализам, близок на мојот учител Караваџо. Потоа надреализам, десетина слики. Се пронајдов во метафизиката (Де Кирико, подлошка за мене). Дипломирав со тие слики и ја добив наградата за најдобар студент на педагошки оддел, чест ми е што така одлучија моите колеги. Имам мала дилема што не продолжив со таа метафизичка фаза. Секогаш сум гледал да не го изгубам внатрешниот афинитет, без разлика на дадените контексти. Едноставно сликарот мора да има свест какви приоритети си дава и дали може да ги реализира. Експериментите продолжуваа. По завршувањето на факултетот ме привлекуваше баналниот хиперреализам. Користев мои црно-бели фотографии како подлошка за моите платна. По 20-ина дела, работени по месец и повеќе, се истоштив. Некои мои колеги и денес ми кажуваат дека сум згрешил што не сум продолжил со хиперреализмот. Во меѓувреме, интензивно работев на цртежот, еден приод само туш – перце, точки, цртички, линии. И имав една помала фаза со графики. Ги напуштив сите „реализми“ и конечно и дефинитивно почнав со апстрактното, по многу размисли со чувство на послободно, поинвентивно изразување, ослободен од реалните феномени. И по цена на грешки продолжуваат моите експериментирања, тоа е пат без крај. Да резимирам, можеби и премногу фази сум имал? Како што еден историчар на уметност ми кажа: „Глигор, многу ги менуваш стиловите, не можам да те следам“.



Може да се забележи Вашата фасцинација од опусот на Џексон Полок, Ви беше ли некаков репер во градењето на личниот ликовен израз? Има ли и други уметници, наши или светски, за кои може да се каже сличното?

- Комплексно и важно прашање за мене, а верувам и за сите сликари. Прво што ми паѓа на ум, секој што ја сака уметноста мора да ја знае цела историја на уметност, или да има претстава што е тоа, или во најлош случај, да знае конкретни сликари што направиле придвижување во општествениот и животот на обичниот човек. Мојот ценет професор и ментор Ристо Калчески говореше: „Полок е опашката на Ежен Делакроа“. Моментално никој не го разбра моментумот на компарацијата (или го разбира како некоја временска дистанца). Тоа е таа индивидуалност кога нашите афинитети и сензибилитети се наклонуваат кон некој сликар, едноставно можете да надоградувате концепт што одговара на вашата перцепција за уметноста. Претставата наречена ликовна уметност, или ја разбираш или не, се` друго е циклично вртење во круг. Влијанијата се неминовни, признавале или не, целокупната слика е меморија проткаена во сите нас. Ќе ја споменам пештерата „Гаргас“ - сакам да верувам дека отпечатокот на таа рака на ѕидот е симбол на човештвото. Има безброј такви примери. Цртежите на животни во пештерата „Ласко“, кои во суштина како подлошка и денес ги користиме. И Пикасо одлично ги ископирал. Овие домени во цртежот артефактно се неминовни во меморијата на секој човек. Ќе прескокнам многу периоди. Рана ренесанса - Ѓото, Ботичели, Јан ван Ајк. Висока ренесенса - Микеланџело, Леонардо, Рафаел, Тицијан, Дирер, Бројгел, Бош. Барок, Караваџо, Валаскез, потоа 17 век - Рубенс, Рембрант, Вермер, па 19 век - Енгр, Делакроа, Тарнер, Гоја, Курбе, модерна уметност - Мане, Клод Моне, Дега, Сезан, Сера, Гоген, Ван Гог, Лотрек. Ова се некои постулати на основите влијанија и мемории. Веќе опашката се гледа: Климт, Шиле, Пикасо, Брак, Кандински, Малевич, Мондријан, Татлин. Полок - да, сите подлошки ги земав во контекст од него, само не се наоѓам близок до него. Продолжувам, Ротко, Модилјани, Матис, Бејкон, Ворхол, Естес, Кле, Шагал, Де Кирико, Дали, Миро, Магрит, Колдер, Вазарели, Гауди и др. Ова е мојот фундамент, другото е импресија од мојот катадневен живот и природата што ме опкружува со сите нејзини феномени. Репери многу, негубење на фокусот, а изборот е непресушен, апсолутно неограничен.

Вашата уметност како да е ослободена од коментарите од општеството, историјата, политиката или религијата. Како Ви успева да се оддалечите од сето тоа?

- Да, ова е феномен за кој може да се дебатира во недоглед, а богами и да се полимизира, но главната поента е да сакаш да го сликаш тоа што сакаш да го сликаш. Кршењето во себе, бурата, сè се одвива само во тебе. За изборот одлучуваш само ти, и не подлегнуваш на друго влијание. Морам да кажам дека има повеќе фактори. Интелектуално ниво - како го користиме, психолошки момент - сите состојби што нè опкружуваат, социјален момент - колку материјално сме одржливи и каков статус имаме во општеството. Во духовниот развој нема предрасуди, работиш на себе, ги оставаш работите да течат како што се, го прочистуваш своето сликарство до крајни граници. Историјата, политиката или религијата, со сета почит и мое скромно познавање - јас не се наоѓам таму. Тоа се категориии и приказни различни од мојот афинитет. А, коментарите од општеството, не нужно, ама влијаат, во смисла на искрена критика и пофалба.



Зад себе имате 16 самостојни и повеќе од 100 групни изложби, учесник сте и на 60 ликовни колонии, добитник на 5 државни награди. Колку е важно уметникот да го изложи своето дело пред публика?

- Во вашето прашање лежи вистината. Нејсе од овие бројки ако нема публика. Таа интеракција е вистинскиот двигател на секој уметник. Есенцијално е изложувањето на делата на секој уметник пред публика. Може да има пофалби, критики од ликовните критичари, и тие што ја следат уметноста, ако биде така, ќе се сведе на чист елитизам. Публиката им дава друг здив на моите дела, друго ветре. Пулсот на публиката од 7 до 77, кога некој ќе ви пријде и ви коментира за вашето дело, без разлика што, сè е тоа искрено. Мојата перцепција се менува кога гледачот ја гледа мојата слика повеќе од една минута.

Работите како професор по ликовна ументост во средно училиште. Колку Ве исполнува овој ангажман?

- Суптилно прашање за мене. Никогаш не сум имал дилема за ова прашање, гледајќи ги сите мои наставници и професори, отсекогаш сум сакал да бидам дел од образовниот процес. Сакам да ги споделувам моите знаења и искуства, не само во ликовната уметност, туку и пошироко. Едноставно веднаш по факултетот се вработив и по менување на неколку (десетина) школи и 26 години настава со моите ученици, немам замор, се држиме во обострана интеракција, сите деца се кративни. Нивната енергија, идеи и нивните креации прават да се движите само за нивните потреби, за нивната емоција со оглед на нивната возраст и времето во кое живеат. Гледам да ги насочам како идни креатори на општеството. Моментално работам во СГГУ „Здравко Цветковски“, популарно познато како ГУЦ, училиште карактеристично и комплексно по своите стручни звања, гимназиското образование и својата мултикултуралност и универзалност. Да бидеш наставник е мисија за благосостојбата на идните генерации.



Што мислите за најавените реформи во образованието, особено за идејата за спојување на предметите ликовно и музичкко во еден?

- Иако можеби има добра намера во реформите, во најширок контекст ликовната и музичката уметност не се контактибилни во својата исконска суштина. Да бидам поедноставен, око е око, уво е уво. Тоа му доаѓа како да измислиме како да ги добиеме примарните бои, тие се такви какви што се. Или верувате во еволуција или верувате во креација. Перцепцијата на различното доживување, на различната посебност, специфичност, карактеристичност, на главната тактилност, емотивното доживување - овие уметности ги прави тотално различни. Можете да ги ставите заедно, ама јас не ја гледам големата слика за тие засебни умености. Тие секогаш и ќе бидат благодарни, ако си се посебни со сета нивна универзалност. Учениците и студентите и само по себе си имаат диференцирање во глобалната меморија, не само на овие две круцијални уметности, туку и на сите уметности. Правам разлика помеѓу дефиницијата на визуелно-ликовната и аудио-музичката уметност, согледувајќи сè што ме учеле досега, на сите искуства што сум ги поминал. Конкретно, од Гаргас, Алтамира, Ласко до Рихтер, Хирст, Абрамовиќ, Веј, ја имаме целокупната меморија и перцепција на визуелната уметност, и секако музичката уметност со своја меморија и историја, паралелна и со своите универзални изведби. Верувам дека ликовната и музичката уметност ќе траат многу, многу долго, едноставно тие се есенцијални, проткаени се во ДНК на човекот.



Фото: Приватна архива
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема