X
 31.10.2019 Наука

Научници се враќаат на нацистички инсектицид бидејќи е најдобар против комарци и маларија

Како би било светските здравствени работници, откако Сојузниците победиле во Втората светска војна, да користеле нацистичка верзија на ДДТ (дихлородифенилтрихлотоетан) против комарци што пренесуваат маларија? Дали таа долготрајна болест, со која сè уште годишно се заразуваат повеќе од 200 милиони лица и од која умираат 400.000, би можела да биде искоренета?

Тоа е едно од размислувањата на хемичарите од Универзитетот во Њујорк, кои го проучувале инсектицидот развиен од страна на германски научници за време на Втората светска војна при спроведувањето на истражувања за сосема друга тема.

- Пред две години не ни помислувавме дека ќе се занимаваме со ова - вели Мајкл Вард, професор по хемија.

Во повоените извештаи што ги проучувале Вард и неговите колеги германските научници тврделе дека нивниот инсектицид, кој сега се нарекува ДФДТ, е поефикасен од ДДТ. Сојузничките службеници ги отфрлиле тие тврдења како глупости, особено земајќи ги предвид грозните воени постапки на „Хоехст“, германскиот производител на хемикалии кој го развил тој инсектицид. Компанијата ги присилувала жителите на земјите окупирани од страна на Германија да работат во нејзините фабрики и ги тестирала хемикалиите на затворениците во концентрационите логори. Инсектицидот бил заборавен со децении.

Но, се чини дека научниот труд на Вард и неговите колеги, кој неодамна беше објавен во списанието „Џурнал оф американ хемикал сосајети“, ги потврдува германските тврдења. Заборавеното соединение ги убива комарците за само четвртина од времето што му е потребно на ДДТ.

ДДТ, кој на почетокот се сметал за чудотворна хемикалија, се користел насекаде по Втората светска војна, сè додека во 60-тите години луѓето не почнале да се грижат за околината. Иако многу нации го забраниле во 70-тите, некаде сè уште се користи. Во 2006 година СЗО одобри употреба на ДДТ во контролата на маларијата, пред сè за прскање на внатрешни ѕидови. Тоа се многу помали количини отколку што користеле земјоделците во минатото.

Се чини дека посмртоносниот ДФДТ би можел да се користи во уште помали, можеби посигурни дози. Тоа на службите за јавно здравство би им овозможило наизменично користење на инсектициди за да се избегне развивање на отпорност на ДДТ кај комарците.

Ефикасноста на ДДТ како инсектицид прв ја открил швајцарскиот хемичар Пол Херман Милер во 1939 година. ДДТ е контактен инсектицид.

- Инсектите мора да одат по кристали за да умрат - вели Барт Кар, коавтор на студијата.

Откако ДДТ ќе се апсорбира преку стапалата на инсектите, соединението се врзува за нервните клетки, предизвикувајќи нивно заглавување и уништување. Соединението нема таков ефект кај цицачите.

САД и други сојузници го лиценцирале ДДТ и го произведувале за контрола на маларијата и тифусот за време на Втората светска војна. По војната ДДТ бил масовно користен од страна на земјоделците и со текот на годините биле испрскани два милиона тона од овој инсектицид. СЗО до 1955 година успеала да ја искорени маларијата во некои делови од светот, но многу комарци потоа развиле отпорност и веројатно генски им ја пренеле на потомството. Болеста се вратила.

Моментот на падот на ДДТ било објавувањето на книгата „Тивка пролет“ на Рејчел Карсон во 1962 година. Книгата била најава за еколошко движење, документирајќи го еколошкото уништување на неселективната употреба на инсектицидот. Молекулите на ДДТ опстојуваат со децении и се собираат во животните со синџирот на исхрана. Во 1972 година САД го забранија ДДТ, а потоа и многу други земји.

Кар и Вард сметаат дека исходот би можел да биде поразличен доколку биле употребувани нешта развиени од страна на нацистичките научници.

Хемичарите од Универзитетот во Њујорк го почнале истражувањето без интерес за инсектициди. Тие проучувале соединенија што се кристализираат во искривен спирален примерок. Еден од начините за препознавање на таквите модели е скенирањето на внатрешните мрежи на сликите од кристали. Откриле дека ДДТ покажува карактеристичен отсјај на спиралниот кристал при осветлување со поларизирана светлина.

Научниците почнале да се занимаваат со кристали на ДДТ и пронашле неочекувани кристали, но и збркани, хаотични примероци.

- Имаше некои организирани и некои луди. Не ги очекувавме овие другите облици, различниот распоред на молекулите во кристалот. Тоа не ѝ беше познато на науката - истакна Кар.

Тоа довело до низа експерименти.

- Со оглед на тоа дека имаме два облика, природно беше да се праша кој од тие облици бил историскиот убиец на инсекти - додава Кар.

Хемиска структура на ДДТ
Фото: Wikipedia

Се покажало дека хаотичниот облик на ДДТ е посмртоносен. Истражувајќи ги најраните податоци за ДДТ, хемичарите наишле на споменување на ДФДТ (дифлуородифенилтрихлороетан). Ова е ист молекул како ДДТ, освен што атомите на флуорот заменуваат два на хлор. Германците го развиле ДФДТ за да не им плаќаат за лиценца за ДДТ на Швајцарците, а можно е и затоа што хемиските состојки за ДФДТ, иако поскапи, биле подостапни во завојуваната Германија.

Бидејќи на Запад се користел ДДТ, ДФДТ бил заборавен дури и откако Пол Херман Милер, кој во 1948 година за работата со ДДТ освоил Нобелова награда за медицина, го пофалил ДФДТ.

Хемиска структура на ДФДТ
Фото: Wikipedia

Во испитувањата на Универзитетот во Њујорк ДФДТ убил половина од комарците за околу половина час, додека на ДДТ му биле потребни неколку часа. Кар се прашува дали доколку ДФДТ бил користен наместо ДДТ, маларијата би била искоренета до 1955 година, пред развивањето на отпорноста кај комарците? Сепак, современите експерти за употреба на инсектициди се сомничави кон изгледите ДФДТ да биде решение за маларијата, посочувајќи на сличноста во хемиската структура со ДДТ.

- Се сомневам дека начинот на дејствување на ДФДТ во тој поглед е идентичен со оној на ДДТ, така што при примена на еден би имало појава на отпорност и на другиот - вели Џефри Блумквист, професор по токсикологија и отпорност на инсектициди.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука