Неодамна канадскиот парламент со овации поздрави украински воен ветеран кој се борел на страната на нацистичка Германија за време на Втората светска војна. Ова беше критикувано од еврејската заедница, но и од пошироката јавност.
Јарослав Хунка е украинскиот ветеран кој неодамна беше поздравен со овации во канадскиот парламент. Тој служел во нацистичка единица под назив „14. Вафен-СС“, позната како Галициска дивизија, формирана во 1943 година. Канадскиот премиер Џастин Трудо, кој заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски му аплаудираше на Хунка, потоа изјави дека целата земја е засрамена.
Од Варшава порачале дека ќе бараат предавање на Хунка за да му се суди за злосторства.
Ова не е првпат улогата на Украина во Втората светска војна да предизвика расправа во Канада, земјата со најголема украинска дијаспора надвор од Европа. Во Канада има неколку споменици од украински ветерани од војната кои служеле во Галициската дивизија.
Еврејските организации одамна го осудуваат постоењето на тие споменици, тврдејќи дека тие војници му биле верни на Адолф Хитлер и дека учествувале во воени злосторства. Сепак, некои Украинци гледаат на овие ветерани како на борци за слобода кои војувале со нацистите само за да им пружат отпор на советските противници во борбата за независна Украина.
Историски контроверзии
Галициската дивизија била дел од „Вафен-СС“, нацистичка воена единица за која била утврдено дека учествувала во многу злосторства, меѓу кои и масакрите на еврејски цивили. За време на војната, во Украина биле убиени над еден милион Евреи помеѓу 1941 и 1942 година.
Сепак, членовите на оваа дивизија никогаш не биле осудени. Како што покажува случајот со Канада, во чест на некои биле поставени и споменици во 70-тите и 80-тите години.
Зошто се расправа за спомениците?
Расправата се води околу улогата на Украина во војната, како и околу составот на украинската дијаспора во Канада, објаснува за Би-би-си Дејвид Марплс, професор по источноевропска историја на Универзитетот во Алберта. Во Втората светска војна милиони Украинци служеле во советската Црвена армија, но илјадници други се бореле за германската страна, во Галициската дивизија.
Оние што се бореле на страна на Германија верувале дека тоа ќе им донесе независна држава, објаснува Марплс. Во тоа време Украинците го презирале Советскиот Сојуз поради улогата во големиот украински глад од 1932-1933. Се проценува дека тогаш починале околу пет милиони Украинци.
По поразот на Германија, некои војници од Галициската дивизија добиле дозвола да влезат во Канада, на што тогаш се противеле еврејски групи. Некои Канаѓани ги гледаат овие војници како национални херои кои се бореле за независноста на земјата. Тие тврдат дека нивната соработка со нацистичка Германија била краткотрајна и дека на крајот тие се бореле против двете страни за слободна Украина.
Меѓутоа, еврејската заедница гледа поинаку на работите. Според неа, тие биле нацисти. Канада во минатото морала да се соочи со оваа историја преку комисија од 1985 година која требало да истражи дали Канада е прибежиште за нацистички воени злосторници. Комисијата заклучила дека нема докази дека Украинците што се бореле на страна на нацистичка Германија се поврзани со конкретни воени злосторства.
Професорот Марплс вели дека во тоа време не биле достапни некои архиви во Украина и Русија и подоцна било откриено дека некои од тие ветерани учествувале во воени злосторства, иако никој не бил осуден.
Како Русија го користи ова?
Оваа историска расправа продолжила и во овој век, а дополнително била комплицирана со современата руска пропаганда која ја етикетирала украинската влада како нацистичка за да ја оправда инвазијата на земјата.
Марплс вели дека ултрадесничарскиот екстремизам постои во Украина, но тој е многу помал отколку што се претставува со руската пропаганда. Украинските групи во Канада сметаат дека спорот околу спомениците и појавувањето на Хунка се резултат на таква пропаганда.
Во меѓувреме, останува нерешена расправата за спомениците на украинските воени ветерани во Канада. Двете страни не успеваат да се договорат за идната насока.
Извор:
BBC
Насловна фотографија: Freepik