(Асоцијација на студентите по медицина од Европа) е интернационална студентска организација основана во 1991 година во Брисел, Белгија, а истата веќе неколку години е поддржана од Европската комисија и е официјално призната од Светската здравствена организација. EMSA преку својата работа се стреми да го подобри квалитетот на здравјето и здравствената заштита на граѓаните во Европа преку трансфер на знаење и едукација на студентите по медицина со организирање на летни школи и слични едукативни настани. Исто така, EMSA преку овие настани дејствува во насока на интеграција на студентите по медицина од Европа. Една од нај каратктеристичните работи за оваа организација е тоа што членовите на EMSA се индивидуалните факултети, а не државите. Во моментов, асоцијацијата обединува 64 факултети од 24 земји од географското подрачје на Европа.
ЕМСА-Македонија
ЕМСА-Македонија претставува независна, невладина и не профитабилна организација, и во форма на здружение на граѓани, т.е. студенти од Медицинскиот факултет од Скопје, дејствува во насока на подобрување на здравјето и квалитетот на здравствената заштита во Р. Македонија. Покрај тоа, оваа организација делува и како платформа за дијалог во врска со културно политички прашања, како и размена на искуства, информации и мислења во област на медицинската едукација и етика. Преку своите активности, ЕМСА-Македонија влијае врз студентите по медицина во насока на развивање на свест за здраво општество, како и за поголема интеракција и споделувања на знаења помеѓу македонските и европските студенти по медицина.
Летна школа по ургентна медицина
Еден од позначајните ангажмани на ЕМСА-Македонија во изминатата година беше одржувањето на „Летна школа по ургентна медицина“, под покровителство на Медицинскиот факултет – Скопје. Во рамките на оваа школа се одржаа предавања на теми околу дејствувањето во итни состојби предводени од професори на факултетот. Воедно, се организираше и практичен дел, каде што волонтерите ги совладуваа вештините за кардиопулмонално оживување, правење преврски и анализа на кардиолошки случаи. Сето ова беше заокружено со тестирање, по кое волонтерите се здобија со сертификати како потврда за знаењата што ги стекнале на оваа школа. Ова позитивно искуство резултира со најава за формирање на нова летна школа оваа година.
Исто така, оваа година, интернационалниот проект на EMSA наречен “Мече-Болница“, ќе одбележи пет годишен јубилеј од неговото имплементирање во Македонија. Целта на проектот е да се доближи докторската професија до најммладите деца со цел да се надмине стравот од одење на докторски преглед. Проектот се одржува повеќе пати годишно, најчесто по градинките, каде преку забава и општа лекарска пракса, студентите преку комуникација со најмладите градат позитивен и здрав однос а со тоа ја стекнуваат и нивната доверба.
Овие, но и другите проекти на EMSA и ЕМСА-Македонија се најважни двигатели на организацијата преку кои се промовираат вредностите и позитивните искуства кои му се нужни на секој студент по медицина, како неопходна надградба која не може само да ја прочита од книга.