Сметководство и ревизија

Општи информации

Студентите кои ќе се определат за овие студии треба да ја имаат предвид најголемата предност, а тоа е што тие можат да прераснат во професионалци сметководители или ревизори и да се вработат во прочуени фирми или да отворат сопствени. Сакаме да потсетиме дека оваа професија е меѓу подобро платените во светот на развиените економии. Сметководителот менаџер е постојано десна рака на менаџерскиот тим и секогаш припаѓа во тој тим. Интернационализацијата на сметководството води до интернационализација на професијата сметководител и можноста идните дипломци да се најдат на листата на светски бараните сметководители, или од него да бараат услуги многу интернационални фирми.

Бројот на лицата кои работат во сметководството во Република Македонија е околу 7.000, а овие места се шанса за идните млади сметководители кои за разлика од постарите колеги ќе бидат подобро подготвени за иднината.

Цели

По завршувањето на наставата, студентите ќе бидат способни:

  • да ги разберат основните сметководствени принципи, претпоставки, стандарди и законска регулатива и истите да ги применат во спроведување на евиденција и книжење на сите сметководствени трансакции, што води кон изработка на финансиските извештаи како крајна цел на сметководствениот процес;
  • да ги диференцираат методите на сметководствено опфаќање на трошоците, како по носители, така и по активности, да ги пресметаат сите показатели од графиконот на рентабилноста, како и да ги применуваат различните методи на вреднување на залихите и другите аспекти од работењето на субјектите значајни за менаџментот при донесувањето на одлуките;
  • да подготвуваат квалитетна сметководствена евиденција во посебни области, како што се сметководство на пензиски фондови, сметководство врз готовинска основа, сметководство во услови на инфлација, сметководство на наеми, сметководство на државни и непрофитни организации, како и да изготвуваат консолидирани финансиски извештаи;
  • врз основа на професионалната и законската регулатива да го осознаат процесот на ревизија интегрирајќи ги стекнатите сознанија за работењето на деловните ентитети или одредени сегменти на ентитетите во извештај за извршена ревизија почитувајќи го, притоа, кодексот на етика во екстерната и интерната ревизија;
  • да знаат да ги пресметуваат и коментираат позначајните показатели од финансиските извештаи што ќе послужи за донесување на добри деловни одлуки.

Квалификација која се стекнува:
Дипломиран економист на Департман Сметководство и ревизија

Понатамошни студии:
Последипломски и докторски студии