Финансиски менаџмент

Општи информации

Специјалистички профил и заокружените знаења во областа на финансиите и банкарството на студентите што ќе го завршат овој департман ќе им овозможат да се ангажираат:

  • како финансиски експерти во државните и јавните институции (државна администрација, фондови, влада, министерства, даночна управа, институциите на платниот промет и сл.);
  • како финансиски менаџери во различните видови претпријатија (јавните, приватните, акционерските и сл.);
  • како менаџери во банките и другите финансиски институции;
  • како финансиски експерти во областа на даноците и јавното финансирање (даночни консултанти, финансиски инспектори), како и во доменот на осигурувањето и царинската проблематика;
  • како експерти за финансискиот пазар (берзата на хартии од вредност и сл.);
  • како научен подмладок на факултетите, институтите и други научно-образовни институции и сл.

Како што покажува искуството, наведените и други неспоменати занимања во пазарните економии се високо валоризирани и многу барани експертски профили на пазарот на трудот што значи дека дипломираните студенти на департманот за финансиски менаџмент ќе можат и во наши услови брзо да најдат работен ангажман или да организираат самостојна професионална дејност.

Цели

По завршувањето на наставата, студентите ќе бидат способни:

  • Да ја познаваат институционалната структура на финансиските пазари, карактеристиките на одделните видови финансиски инструменти (акции, обврзници, штедни влогови, заеми, финансиски деривати итн.) и делувањето на различни финансиски институции (банки, осигурителни компании, пензиски фондови, инвестициони фондови итн.).
  • Да ги разберат основните принципи на финансиите, суштината на современата портфолио теорија и принципите на вреднување на основните класи на финансиски инструменти: акциите и обврзниците.
  • Да стекнат продлабочени знаења за најважните видови активни, пасивни и неутрални банкарски работи, да ги усвојат современите методи за управување со средствата, ликвидноста, обврските и капиталот на банките и да стекнат способности за анализа на конкретни проблеми од деловната политика на комерцијалните банки.
  • Да ги разберат и критички да ги анализираат основните прашања од областа на меѓународните финансии, како што се: формирањето на девизните курсеви и функционирањето на девизниот пазар, главните компоненти на платниот биланс, клучните меѓународни финансиски институции и финансирањето на меѓународната трговија.
  • Да стекнат продлабочени знаења од јавните финансии преку анализа на современите даночни системи, карактеристиките на одделните јавни давачки (даноци, придонеси, царини итн.) и буџетскиот процес, како и да бидат способни да ги анализираат ефектите на фискалната политика.

Квалификација која се стекнува:
Дипломиран економист на Департман Финансиски менаџмент

Понатамошни студии:
Постдипломски и докторски студии