Студиската програма припаѓа на научно-истражувачкото подрачје техничко-
технолошки науки, поле:
202 – Електротехника
203 – Електромашинство
205 – Енергетика
211 – Индустриско инжинерство и менаџмент
и областа Електроенергетика, управување и менаџмент
ВИД НА СТУДИСКАТА ПРОГРАМА
Студиската програма е од прв циклус на студии – академски.
СТЕПЕН НА ОБРАЗОВАНИЕ
Студиската програма е од степен на образование VIA.
Студиската програма е продолжение на традиционалната електроенергетика
која се држи на Факултетот од неговото основање. Промените, во оваа нова програма
– Електроенергетика, управување и менаџмент (ЕЕУМ), се во насока на подобрување
на интересот за изучување на електроенергетика во Р. Македонија соодветно на сé
поголемата потреба на електростопанството за ваков профил на инженери,
интеграција на новите информатичко-комуникациски технологии во знаењето и
осознаеност за вештини потребни при креирање на успешен бизнис во сложената
проектна околина со која денес се соочува и работи инженерот - електроенергетичар.
ПРОЦЕНКА НА ОПРАВДАНОСТА СО ОГЛЕД НА ПОТРЕБИТЕ НА
ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ
Компаниите во електроенергетскиот сектор се повеќе се соочуваат со динамична
работна околина на големи технолошки промени и работа на комплексни проекти.
Новата деловна политика на компаниите треба да се прилагоди на брзите промени
каде е потребно знаење и вештини при апликации на новите технологии и снаоѓање во
сложената проектна околина. При тоа, потребите на компаниите се да имаат едуциран
стручен кадар кој ќе има солидни стручни познавања од електроенергетика, ќе биде во
чекор со примената на ИКТ во електроенергетскиот бизнис и ќе ги разбира условите,
околностите и можностите при работа и менаџмент на проекти и општо работењето во
ЕЕС. Денес, компаниите во електроенергетиката бараат комплетен стручњак – инженер
кој ќе ги има знаењата и вештините од управување на техничките системи во
електроенергетските објекти, кое денес не може да се замисли без новите
информатичко-комуникациски технологии и менаџмент применет на работата на
проекти од фазата на градба па се до долгогодишна експлоатација на
електроенергетските објекти.
ДОСЕГАШНИ ИСКУСТВА ВО СПРОВЕДУВАЊЕ НА СЛИЧНИ
ПРОГРАМИ
Институтот за електрични централи и разводни постројки веќе подолг период
работи во насока на оформување на стручно знаење, ресурси и опрема за реализација
на ваква програма. Претходната, тековна програма Електроенергетика и управување е
основоположник на овој концепт и нејзината успешност во однос на интересот кај
студентите беше на завидно ниво секоја година, овозможувајќи нејзин развој во повеќе
правци (Управувачки системи, Обновливи извори за производство на електрична
енергија, Проектен менаџмент, Инженерска економика и сл.). Досегашните искуства
добиени со држење настава на оваа програма, како и согледувањата според
студенските анкети и мислења за програмата и секако мислењето на компаниите во
областа се реална основа за успех на новата предложена програма.
ЦЕЛИ НА СТУДИСКАТА ПРОГРАМА
Целта на студиската програма ЕЕУМ е да поизведе нов и современ елек-
троенергетичар со солидно теоретско знаење во базичните области на
електроенергетиката (производство на електрична енергија, електрични постројки и
потрошувачката на ел. енергија) и добра практична перспектива и вештини во
совладување на инженерските задачи. Со стекнатите компетенции, програмата ќе им
овозможи на дипломираните студенти да се соочат со енергетските предизвици во
новата технолошка и економска околина. Иако електроенергетиката е добро проучена
и истражена и многу решенија се познати со децении, потребата за: пораст на
искористувањето на ел. енергија, почитување на аспектите на животната средина,
енергетската ефикасност, квалитетoт и конкурентскатa предност во услови на пазарна
економија, наложува изучување и примена на нови технолошки решенија во
енергетиката, софистицирано компјутерски базирано управување и менаџерска
анализа.
Со студиската програма ЕЕУМ дипломираните студенти ќе ги стекнат следните
компетенции:
− Солидно стручно знаење во технологиите застапени во модерната
електроенергетика посебно производство на електрична енергија од
конвенционални и обновливи извори на енергија, како и објектите и
постројките кои се активни чинители на електроенергетскиот систем.
− Солидно познавање на концептите, методите и системите за управување во
електроенергетските објекти од секаков вид и нивниот динамичен и брз
развој соодветно на развојот на информатичко-комуникациските технологии
и барањата за квалитет на пазарот на електрична енергија.
− Способност и владеење со техниките за планирање, проектирање и градба
на објекти во електроенергетски систем, водење проекти во електро-
енергетиката во сите фази на нивната имплементација и способност за
истражувања на нови методи и техники применети во ЕЕС.
− Користење на компјутерски алатки за анализа и решавање инженерски
задачи во електроенергетиката.
− Способност за аналитички пристап и охрабрување за донесување одлуки со:
идентификација и разбирање на задачите и можностите, развој на
релевантни критериуми и споредба на информациите од различни извори,
користење на ефикасни пристапи и методи, како и согледување на
последиците од преземените активности.
− Мотивација и заинтересираност за континуирано учење и спознавање на
нови области и нови техники и методи применети во функција на
енергетската и трошковна ефикасност од производството на ел. енергија па
сé до нејзиното ефектуирање во бизнисот.
− Познавање на менаџерските вештини и техники и основите на проектниот
менаџмент со што студентите ќе можат успешно да водат проекти како
Проект-менаџери или работат како Прво-ниво на менаџери (Project menagers
and First-line managers).
− Низ задолжителните и предвидените изборни предмети се афирмира
познавање на нови тематски содржини кои ќе придонесат дипломираниот
инженер да може да комуницира со сите останати инженерски профили во
заедничките тимови при работа на технички проекти.
Со предвидените содржини од менаџмент и начините на современо
интерактивно учење и комуникација, студиската програма овозможува развој на
иницијативноста и креативноста во работењето кај студентите, чувство за лидерство и
негување на високи етички принципи, при тоа градејќи го нивниот интегритет и
нивниот индивидуален стандард.