X
 01.04.2024 Живот

„Бизнисот на задоволството“ доби награда за најдобар филм во Тоскана

Италијанската полиција на свечена церемонија во Тоскана му ја врачи наградата за најдобар филм на „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски, во рамките на фестивалот „Интернешнал полис артс авардс фестивал“ (International Police Arts Awards Festival - IPAAF).

Се работи за престижна културна манифестација во Италија, каде што полицијата веќе 27 години наградува уметници во областа на филмот, музиката, сликарството, литературата, театарот, телевизијата. Лауреати на овој фестивал биле артисти од рангот на Енио Мориконе, Андреј Кончаловски, Абел Ферара, Никита Микалков, Виторио Стораро, Џина Лолобриџида, Мет Дилон, Колин Фирт.



Фестивалот традиционално се одржа во октомври, но поради неможноста на Цветановски да присуствува тогаш, викендов во Монте Сан Савино му беше доделено високото признание за најдобар филм, како и бронзена статуетка - реплика на Кимерата на Арецо.

- Имавме прекрасни два дена во живописното Монте Сан Савино и ви благодарам за гостопримливоста. Во мојот развој како филмски автор учев од италијанските мајстори на уметноста, како што се Фелини, Серџо Леоне, Торнаторе... Среќен сум што оваа награда доаѓа токму од полицијата, која има благородна задача да ги штити граѓаните. Во филмот се прикажани многу неправди, но ние како луѓе имаме потреба да веруваме дека правдата ќе победи - рече Цветановски пред присутните гости на свеченоста.



Организаторот и основач на фестивалот, Орацио Ананија, речиси три децении ја афирмира уметноста од целиот свет, доближувајќи ја до полицијата и населението во Тоскана - регион кој освен по вкусната храна и доброто вино, е светски познат и по својата богата културна историја.

- „Бизнисот на задоволството“ обработува актуелна тема во која драмата се испреплетува меѓу реалноста и надреалноста и го држи гледачот во неизвесност до самиот крај. Одличната музичка подлога придонесува за хармонијата меѓу сликата и звукот во раскажувањето на приказната - рече Орацио Ананија, кој му ја врачи нагрaдата на Цветановски и го покани и на следното издание на фестивалот.

На настанот беше отворена и изложба на фотографии на познатиот италијански автор Макс Анџелони, промовирана книга-есеј на Доменико Палатеља за творештвото на режисерот Франко Зефирели, a беше изложена и слика на Дарија Федотова од Молдавија. Присуствуваа и реномираниот филмски критичар Игнацио Сенаторе и ѕвездата на италијанската висока мода - дизајнерот Давидe Мучинели.

Ова е седма награда за „Бизнисот на задоволството“ на филмските фестивали низ светот и прва во Италија. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.



*За статуетката: Кимерата на Арецо е митолошко чудовиште со тело на лав, на грбот има глава на јарец, а опашката е во форма на змија. Оригиналната статуа е создадена во 400 пр.н.е., а откриена е во 1553 година и се смета за ремек-дело на етрусканската уметност.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот