X
 01.06.2022 Наша тема

Стефан Стојковски и Александра Маркоска во топ-5 отсто магистранди на Универзитетот во Берн

Бевме единствените Македонци на оваа програма, како и на Универзитетот во Берн. Двајцата бевме рангирани во топ-5 отсто од нашата генерација, a магистриравме како едни од првите 10 студенти од нашата програма во 2022 година

Александра Маркоска и Стефан Стојковски се запознале како единствените македонски студенти на програмата “Swiss Joint Master of Science in Computer Science“ на престижниот Универзитет во Берн. Заедно „истрчале“ многу целовечерни работни маратони посветени на студиите, со подготвување семинари и научни трудови. Иако преку ден двајцата биле зафатени со својата работа, сепак, успеале да најдат некаков баланс, секако, со огромна меѓусебна помош и поддршка. Двајцата завршиле во топ-5 отсто од нивната генерација во Берн и се нашле во ретко друштво од 10-ина студенти што први магистрирале во 2022 година.

Александра, која еден семестар порано од Стефан ги започнала постдипломските студии во Берн, е дипломец на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, додека во Берн магистрирала на насоката – компјутерска наука. Таа веќе две години работи како нетворк тест инженер во „OPPO Switzerland“ во Цирих.

Стефан е дипломец на ФИНКИ-Скопје, а во Берн магистрирал, исто така, на насоката компјутерска наука, за период од една година и четири месеци. Тој се преселил во Берн во текот на најголемиот ковид-бран во септември 2020 и моментално работи како софтвер-консултант во швајцарската фирма „Sieber&Partners“, базирана во Берн и во Цирих.  

- Пред да дојдам во Берн, направив интернет-истражување со цел да дознам повеќе информации во врска со Универзитетот. На социјалната мрежа „Линкдин“ ја најдов Александра и исконтактирав со неа. Бидејќи таа веќе ги имаше започнато студиите еден семестар пред мене, сподели доста корисни информации. Во екот на пандемијата, во септември 2020, го започнав првиот семестар на магистерските студии, додека пак Александра го започна својот втор семестар. Двајцата се запознавме на првиот час на еден од предметите што ги имавме одбрано - вели Стефан.

Швајцарија нуди професионален развој, но и највкусните чоколади и кашкавал

Престижниот универзитет во Берн ги има здружено силите со Универзитетот „Нојшател“ и Универзитетот „Фрибург“ со цел да им понуди на студентите кои се интересираат за компјутерските науки голема можност за учење различни теми. Студентите можат да одберат на кој од трите универзитети да аплицираат. При прифатена апликација, одбраниот универзитет станува ваш матичен универзитет.

- Бевме единствените Македонци на оваа програма, како и на Универзитетот во Берн. Двајцата бевме рангирани во топ-5 отсто од нашата генерација и магистриравме како едни од првите 10 студенти во 2022 година. Бев воодушевена од можностите што ги нуди Универзитетот во Берн за професионална надградба. Покрај тоа, Швајцарија генерално како земја е рангирана како една од најдобрите во поглед на професионален развој, здравство, животна средина итн. И, секако, таа е дом на највкусните чоколади и кашкавал - вели Александра.

- Во врска со магистерската програма, таа нема задолжителни предмети и нуди можност да се одберат 12 предмети за време на два семестри. Третиот и последен семестар е фокусиран на изработка на магистерската теза. На крај, студентите се стекнуваат со диплома од трите универзитети - додава Стефан.


Поминавме многу маратонски сесии во учење

Александра и Стефан веќе биле изградени професионалци во своите струки за време на нивните постдипломски студии во Берн. Швајцарските универзитети не нудат многу можности за стипендии и студентите се принудени да работат паралелно со студиите. Посветувајќи по 40 часа неделно на студирањето, како и на работното место, тие успеале да најдат некаков баланс со цел да бидат на врвот на задачата на двете места.

- Двајцата работиме во ИТ-струката, во различни компании во Швајцарија, и тоа ни помогна и од финансиски аспект и за професионално напредување, како и за комбинирање на знаењето од студиите и професионалната работа. Имаме поминато многу маратони во учење и работа за студиите, и тоа претежно во текот на ноќите, со оглед на тоа што секој од нас е зафатен со својата професионална работа - вели Александра.

- Јас магистрирав на темата „Linguistic Summaries“ за подобрување на анализата на „Customer feedback и natural language processing“. Во соработка со Институтот за информатика и HUMAN-IST од Универзитетот Фрибург, работев на развивање нов модел базиран на „Linguistic summaries“, кои претставуваат нов концепт за автоматско процесирање на огромни податочни бази. Стефан магистрира на темата софтверска анализа на продуктивноста на програмерски тимови, во соработка со Институтот за информатика во Фрибург и компанијата во која работи - Sieber&Partners. Како резултат од неговиот магистерски труд, направен е нов модел базиран на Git metadata, кој ефективно ја мери продуктивноста на еден програмерски тим - додава Александра.

Мал е бројот на студенти во споредба со бројот на професори

Универзитетот во Берн константно котира како еден од најдобрите 150 универзитети во светот. Во 2022 година е рангиран на 101. место според QS Ranking. Двајцата се согласни дека студирањето на УИСТ-Охрид, односно ФИНКИ-Скопје, им била солидна отскочна штица за понатамошна надградба во Берн, но сепак посочуваат на низа клучни разлики кои студирањето во Швајцарија ги има како предност во однос на тоа во Македонија.

- Можеби најголемата разлика е во пристапот и важноста на истражувањата. Швајцарија како држава вложува многу во истражувањето. Научноистражувачките центри на Универзитетот во Берн имаат значителни финансии кои нудат можност за какви било типови истражувања, како и можност за посета на конференции надвор од Швајцарија. Друга разлика е малиот број на студенти во споредба со бројот на професори - вели Стефан. 

- Магистерските студии нудат еднакво теоретско и практично знаење по секој предмет. Проектите што се изработуваат претставуваат нешто што се бара во индустријата и на некој начин е практична имплементација на предадената теорија. Бидејќи два семестри се целосно планирани за предмети и практична изработка на проекти, третиот семестар е планиран за изработка на магистерската теза - додава Стефан.


„Младите треба да станат фокус на државата“

Младите треба да станат фокус на државата, каде што државата би инвестирала во образованието со поддршка на истражување и нови технологии. Понатаму, потребно е зголемување на кадарот на одредени факултети со цел да се намали соодносот помеѓу бројот на професори и бројот на студенти, како и изградба на простории и опремување на тие простории со најнови технологии - вели Стефан, а Александра е согласна со него, додавајќи дека е многу важно да се направат драстични промени во целокупниот систем за образование, а не само во поглед на студиите.

- Би сакале да им го пренесеме нашето искуство и знаење на помладите кај нас. Сметам дека имавме огромна среќа да имаме ментори во текот на развојот кои цело време беа тука за нас. Можеби ќе успееме да го пренесеме нашето знаење во некој нов стартап или слично во Македонија - вели Александра.

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема