X
 01.07.2017 Наука

Научниците потврдија: Кај луѓето не постои максимална старосна граница

Глобалниот животен век продолжува да расте, со што се наметнува прашањето: дали трендот некогаш ќе престане? Новите истражувања покажуваат дека нема знаци за фиксна старосна граница за човечкото тело, со тоа што луѓето ќе продолжат да живеат подолго и подолго.

Вака потврди и истражувањето за животот на најдолговечните поединци од Америка, Велика Британија, Франција и Јапонија за секоја година од 1968 година па наваму - вклучувајќи ја и Сузана Муштат Џонс, која почина во Њујорк во 2016 година на возраст од 116 години.

Новиот труд, напишан од тим од Универзитетот Мекгил во Канада, делумно е одговор на анализата објавена минатата година, која укажува на постоење на природна граница за човечкиот животен век, дури и ако може да најдеме начин да го пробиеме.

„Ние едноставно не знаеме кое е тоа старосно ограничување“, вели еден од истражувачите, биологот Зигфрид Хекими. „Всушност, со проширување на тренд линиите, можеме да покажеме дека максималниот и просечниот животен век може да продолжи да се зголемува далеку во иднина“.

Хекими и неговиот колега Брајан Г.Хјуз тврдат дека ограничувањето на старосната граница забележано во минатогодишното истражување, кое излезе дека е околу 115 години, може да биде привремено, а слични опаѓања биле регистрирани во минатото.

Ако истиот метод бил применет во 1980 година, би покажал плато од 111 години или слично. Со други зборови, дури и ако овој тип на статистичка анализа сугерира израмнување, највисоката бројка продолжува да расте.

Сето ова е поврзано со тоа како се толкуваат броевите, а не треба да се заборави дека истражувачите се занимаваат со изливите од статистиката - не сите ние живееме до 111 или 115 година.

Хекими мисли дека еден ден би било возможно луѓето да живеат до 150 години или повеќе, можеби со нови откритија во науката или медицински третмани кои би ни помогнале.

Истражувачите од Универзитетот Мекгил не се единствените кои дискутираат за начинот на кој овие бројки се толкувани. Некои експерти велат дека не биле користени доволно податоци за да се донесе заклучок, додека други велат дека биолошките докази дека живееме подолго ги надминуваат статистиките.

Она што е јасно е дека просечниот очекуван животен век продолжува да расте, како што расте богаството и како што се подобруваат медицинските третмани. Дали постои биолошка бариера со која ќе се соочиме, останува да видиме.

Досега никој не ја надминал Французинката Жан Калмент во старосната граница, која живеела до нејзината 122 година. Најстарата личност која моментално живее, Виолет Браун од Јамајка, има уште четири години за да постави нов рекорд.

„Пред 300 години, многу луѓе живееле краток живот. Ако тогаш им кажевме дека еден ден луѓето би живееле до нивната 100-та година, тие би рекле дека сме луди“, вели Хекими.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука