X
 01.07.2024 Живот

Вештачката интелигенција и податочната наука на ФЕИТ - предводници на новата технолошка револуција

Во последните децении вештачката интелигенција (ВИ) се профилира како една од најперспективните и најбрзорастечки научни области. Од своите зачетоци, во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, кога фокусот беше на создавање математичко-статистички модели кои можат да решаваат едноставни задачи, ВИ значително еволуира. 

Благодарение на значителните подобрувања во областите како податочна наука, машинско учење и длабоко учење, денес таа наоѓа своја примена во различни сектори и индустрии, почнувајќи од автомобилската индустрија, па сѐ до секторите здравство и образование. Со развојот на посложени алгоритми и зголемувањето на количеството на податоци (Big Data), ВИ сега овозможува решенија кои не само што ги оптимизираат постојните процеси, туку и создаваат нови можности за иновации, правејќи ја оваа технологија клучен елемент во адаптацијата кон брзите промени во современиот свет.

Следејќи ги светските научни и индустриски трендови, Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се фокусира на модернизација на образовниот процес, активно интегрирајќи ги најновите достигнувања во областите на ВИ, податочната наука и машинското учење во својата наставна и практична програма. Оваа стратешка определба им овозможува на студентите да се развиваат во согласност со тековните научни и технолошки трендови, создавајќи компетентни инженери оспособени да придонесат кон технолошкиот и економски развој на земјата.

Во последните години областа на ВИ значително напредна благодарение на развојот на големите јазични модели (Large Language Models - LLMs), како што е Чет-ГПТ. Овие модели направија револуција во начинот на кој машините разбираат и генерираат човечки јазик, овозможувајќи им да изведуваат сложени задачи кои претходно беа можни само за човекот. ФЕИТ активно ги следи овие трендови и ги интегрира најновите технологии во својот наставен план и програма, подготвувајќи ги студентите да бидат во првиот ред на технолошките иновации. Покрај глобалните трендови, ФЕИТ исто така негува подобласти специјализирани за обработка на македонскиот јазик, вклучувајќи: LLMs на македонски јазик (за напредно разбирање и генерирање на македонски текст); претворање текст во говор и говор во текст на македонски; ВИ модели за подобрување на комуникацијата со лицата што користат знаковен јазик; ВИ модели за генерирање креативни текстови (проза, поезија) на македонски јазик итн. Овие напори не само што ја зголемуваат технолошката компетентност на ФЕИТ, туку и ја збогатуваат македонската јазична и културна сфера, нудејќи решенија кои ги промовираат јазичната разновидност и иновациите. Со овие иницијативи, ФЕИТ се утврдува како лидер во регионот за образование и истражување во областа на ВИ.



Студиските програми на ФЕИТ, меѓународно акредитирани од германското акредитациско тело ASIIN, вклучуваат широк спектар на предмети од основите на ВИ до напредните курсеви во податочната наука и машинско учење, достапни како на додипломски така и на постдипломски студии. Особено е значајна програмата на магистерски студии „Податочна наука во електротехника и информациски технологии“, која ја претставува нашата целосна посветеност кон формирањето експерти подготвени за предизвиците на дигиталната ера.

- Во своите предавања активно ги поттикнувам студентите да користат ВИ, особено при учењето нови концепти, анализата и обработката на податоци, како и при изработката на вежбите и проектите. Сепак, есенцијално е да ги насочувам и потсетувам како правилно и етички да ја користат оваа технологија. Ова особено се однесува на современите алатки како Чет-ГПТ. Студентите мора да бидат внимателни да ја верифицираат секоја информација добиена преку овие алатки и да се осигурат дека целосно ги разбираат и можат да ги објаснат користените концепти. Секако, постојат ситуации и задачи каде што употребата на ВИ не е дозволена, на пример, оценување со тестови и испити, каде што студентите треба да работат без пристап до овие алатки. Затоа, се залагам за контролирано и одговорно користење на ВИ алатките, за да им овозможиме на студентите да развиваат и одржуваат вештини кои ќе ги служат долгорочно - објаснува д-р Христијан Ѓорески, вонреден професор на ФЕИТ и координатор на програмата на магистерски студии на ФЕИТ - Податочна наука во електротехника и информациски технологии.

ФЕИТ, исто така, е вклучен во многубројни меѓународни проекти од областите на ВИ, податочна наука и машинско учење. Еден од позначајните проекти е „WideHealth“, чиј координатор беше ФЕИТ, а финансирањето беше овозможено преку програмата Хоризонт 2020 на Европската Унија. Проектот беше посветен на развој на иновативни решенија во е-здравје, користејќи паметни уреди, вештачка интелигенција и машинско учење. Значајната координација на проектот од страна на ФЕИТ, во соработка со угледни институции како Институтот „Јожеф Стефан“ од Словенија, Универзитетот во Лисабон, Италијанскиот истражувачки центар FBK и Hasso-Plattner-Institut од Германија, овозможи создавање на силна меѓународна мрежа од истражувачи и професори. Овој проект успешно собра околу 500 учесници, вклучувајќи научници, експерти, професори и студенти од различни држави, поттикнувајќи значајна меѓународна соработка.

- Проектот WideHealth беше уникатна можност за професорите и студентите на ФЕИТ да придобијат експертиза и препознатливост во светски рамки, преку организирање голем број меѓународни научни настани. Во рамките на проектот остваривме огромен број активности и работевме на голем број научни трудови. Со гордост можеме да кажеме дека направивме огромен напредок и веќе сме препознатливи во светски рамки во областа на е-здравство и вештачка интелигенција применета во е-здравство - објаснува проектниот координатор д-р Христијан Ѓорески, вонреден професор на ФЕИТ.

ФЕИТ континуирано останува во чекор со иднината, инспирирајќи иновации и образувајќи генерации на инженери подготвени да се соочат со глобалните предизвици. Нашиот ангажман кон извонредност и лидерство во областа на вештачката интелигенција и податочната наука не само што го осигурува нашиот статус како престижна образовна установа, туку и активно придонесува кон технолошкиот напредок на македонското општество и пошироко.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот