Стево Божиновски и Михаил Шестаков од Електротехничкиот факултет во Скопје (денес ФЕИТ), заедно со Лилјана Божиновска од Медицинскиот факултет на УКИМ, првпат во светот управуваа робот со помош на човечки мозочни сигнали во просториите на Лабораторијата за интелигентни машини и биоинформациски системи на ЕТФ.
Тие во експеримент во 1988 година покажаа како се движи робот по затворена линија нацртана на подот, управуван од команди за движење/застанување, наведувани од промените на алфа ритaмот на електроенцефалограмот (ЕЕГ) во мозокот на човекот.
Во чест на ова значајно откритие и монументално постигнување на македонската наука, на 10 октомври 2023 г. ИЕЕЕ постави спомен-плоча во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Спомен-плочата беше откриена од страна на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, и претседателот и извршен директор на ИЕЕЕ, проф. д-р Саифур Рахман.
- Инженерите се движечка сила во секоја држава, тие придонесуваат за благосостојбата и напредокот на општествата. Нека овој навистина исклучителен настан од огромно значење за македонското инженерство, но и воопшто за македонската наука и општество во целина, биде инспирација за сите студенти, за сите професори, за сите идни инженери да создаваат и да придонесуваат за градењето модерен и технолошки напреден свет создаден по мерка на човекот и поставен врз највисоките етички норми и стандарди - порача претседателот Пендаровски.
Рахман ја истакна важноста на ова постигнување и ја долови неговата големина – дека авторите на ова дело се во друштво на Бенџамин Франклин, Томас Едисон и Никола Тесла. Тој посочи дека овој момент треба да остане трајно врежан во колективната национална меморија и да се промовира кај младата популација како инспирација за следните идни генерации инженери.
- Тука треба да ги донесете децата, учениците, да ја видат оваа плоча и да сфатат дека токму тука, робот првпат беше управуван од човечки мозочни сигнали - рече професорот Рахман, дополнително истакнувајќи ја важноста да се избере патот на науката и технологијата затоа што инженерите создаваат, комуницираат и соработуваат.
Водачот на тимот, проф. д-р Стево Божиновски, ретроспективно даде осврт на настаните што доведоа до овој пресврт, не само во светските научни кругови туку и во светот воопшто. Ги потенцираше важноста и големината на ова откритие во Македонија бидејќи вакви резултати се добиени дури 11 години подоцна во САД и 15 години подоцна во Европа, што ја прави Македонија и македонската наука пионер во оваа област. Го објасни придонесот кој го дале за светската наука, односно нивното учество (македонски научници) во поставувањето на основите на паралелно (мултитаскинг) програмирање, невронски мрежи, управување на робот со гласовни команди и, секако, управување на робот со мозочни сигнали.
„Тргни, назад, лево, десно, стој“ беа наредбите што ги разбираше првиот гласовно-контролиран робот во светот, односно тоа беше првиот робот во светот кој разбираше наредби зададени од човек, и тоа на македонски јазик – се присети професорот Божиновски.
Македонските научници Стево Божиновски, Михаил Шестаков и Лилјана Божиновска први во светот:
1) Создадоа врска меѓу две претходно далечни научни дисциплини – роботиката и истражувањата поврзани со ЕЕГ;
2) Создадоа нов комуникациски канал меѓу луѓето и машините;
3) Го решија предизвикот на психокинезата;
4) Го прикажаа првиот блок-дијаграм на интерфејсот мозок-робот и
5) Го воведоа првиот алгоритам со машинско учење во интерфејсите мозок-робот.
Фото: приватна архива