X
 01.09.2024 Живот

Сетенил де лас Бодегас - шпанско гратче кое ѝ пркоси на гравитацијата

Доколку барате егзотична дестинација каде што би сакале да побегнете малку, имаме предлог. Шпанија навистина има сѐ, од неверојатни плажи, романтични зајдисонца до светски познатата кујна и богата историја. Позната е по својот впечатлив пејзаж и пријатната клима, но исто така е земја со импресивни контрасти што постојано инспирираат.

Во срцето на Андалузија, помеѓу живописните ридови на Ронда и Коста дел Сол, се наоѓа Сетенил де лас Бодегас - едно од најнеобичните и најшармантни места во Шпанија. Овој скриен скапоцен камен со само неколку илјади жители, познат по куќите изградени под огромни карпи, е навистина уникатна дестинација која мора да се види.

 
Имено, ова живописно место, кое припаѓа на провинцијата Кадиз, е познато по својата уникатна архитектура која се претопува со природата, а неговите жители со векови живеат во куќи врежани во карпите. Сместено на половина пат помеѓу Севилја и Малага, Сетенил де лас Бодегас е еден од најимпресивните градови во Андалузија. Поради куќите чии покриви и ѕидови често се дел од карпите, многу патници сакаат да го истражуваат ова место. Сетенил де лас Бодегас (Бодега значи винарници) го добил името по некогаш просперитетната трговија со вино. Денес винарници има многу малку, но сепак местото е познато по вкусните маслинки.

Она што го прави ова место толку посебно е токму уникатниот поглед. Многу од куќите се буквално изградени под големите карпи кои се надвиснуваат над улиците, создавајќи впечаток дека улиците и домовите делумно се создадени од самата природа. Оваа необична градба им овозможила на жителите да ја искористат природната сенка и изолација на карпите, што е особено корисно во летните месеци кога температурите можат да бидат многу високи.

Што вреди да се посети?

Главната улица во Сетенил де лас Бодегас е „Кале Куевас дел Сол“ (Пештери на сонцето). Оваа прекрасна улица е дом на многу пештерски ресторани сместени меѓу огромни карпи и шармантна река. Застанете за момент, уживајте во глетката, но и во вкусовите на традиционалните јадења.

Иако е најпознатата улица во градот, препорачуваме да истражувате и други области. Прошетајте низ тесните улички, на пример, „Кале Куевас де ла Сомбра“ (Пештерите на сенката) или упатете се по ридот и уживајте во глетката.

 
Ова место вреди да се посети и поради знаменитостите, како што е кулата на обновениот замок Назари, кој датира од 12 век.

Сетенил де лас Бодегас е лесно достапен со автомобил од големите градови како Малага и Севилја. Имено, до него се стигнува по патишта кои минуваат низ подрачјето на Андалузија со потенцијално најубавата природа.

Блиску до други атракции


Сетенил де лас Бодегас не е само место за еднодневно патување. Иако е мало место, има многу скриени агли за истражување. Улиците се тесни и стрмни, па затоа е најдобро да се истражува пеш. Ви препорачуваме да го посетите и надвор од туристичката сезона, за целосно да уживате во мирот и автентичноста на ова магично село, но и да ги избегнете екстремните горештини.

 

Во близина има и други познати места, како што е Ронда, така што Сетенил може да биде дел од пошироката маршрута за истражување на регионот. Без разлика дали сте љубител на историјата, архитектурата или едноставно барате уникатно искуство, Сетенил де лас Бодегас нуди повеќе од тоа.

Извор: journal.hr

Фото: Instagram

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот