Во рамките на фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“, утревечер (19 ч.) во холот на Кинотеката ќе биде отворена изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“, која ќе биде посветена на 20 лица со интелектуална попреченост од повеќе градови од Македонија на различна возраст. Автор на фотографиите е Тоше Огњанов, а на приказните Сребра Ѓорѓијевска. Идејата е да се раскажат 20 приказни преку фотографија и текст.
- „И јас сум тука“ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото – стои во дел од соопштението за настанот.
„И јас сум тука“ е идеја на театарот „Глада Худик“ и на Пер Јохансон од Шведска, која пропатува низ Латвија и Грузија, а еве пристигна и во Македонија. По отворањето на изложбата ќе биде прикажан документарниот филм „Модна ревија: Од 'Глада Худик' до Њујорк“ во режија на Јохан Ског. Изложбата ќе биде отворена до 23 ноември.
фото. Официјална фејсбук-страница