X
 01.11.2021 Технологија

Развојот на вештачката интелигенција е опасен колку изумот на атомската бомба, смета познат научник

Научник кој напишал познат учебник за вештачката интелигенција вели дека експертите се „исплашени“ од сопствениот успех во областа, споредувајќи го развивањето на вештачката интелигенција со развивањето на атомската бомба, пренесува „Гардијан“.

Професорот Стјуарт Расел, основач на Центарот за вештачка интелигенција компатибилна на луѓето при Универзитетот во Калифорнија, Беркли, изјавил дека повеќето експерти сметаат дека овој век би можеле да бидат развиени машини што се поинтелигентни од луѓето. Затоа, тој ги повикува лидерите да го регулираат развивањето на оваа технологија.


Фото: Стјуарт Расел/Wikipedia

Расел е еден од авторите на книгата „Вештачка интелигенција: Модерен пристап“ (Artificial intelligence: A modern approach), напишана во 1995 година. Според него, луѓето треба итно да реагираат за да ја задржат контролата додека се развива вештачката интелигенција.

- Вештачката интелигенција се дизајнира со една специфична методологија и навидум генерален пристап. И не сме доволно внимателни во користењето на овој систем во комплицирани услови во реалниот свет - изјавил Расел.

На пример, барањето од вештачката интелигенција да го излекува ракот што побргу би можело да биде опасно.

- Веројатно би нашла начини за предизвикување тумори во целата човечка популација за да спроведе милиони експерименти паралелно, користејќи нè сите нас како експериментални глувци. Тоа е така бидејќи тоа е решението на целта што ѝ ја дадовме, само заборавивме да посочиме дека не може да се користат луѓето како експериментални глувци и не може да се користи БДП на целиот свет за да се спроведат експерименти - објаснил Расел.


Фото: Pixabay

Според него, развивањето машини кои се поинтелигентни од луѓето е можно сценарио, а речиси сите експерти би се согласиле дека тоа ќе се случи во овој век. Користењето на вештачката интелигенција за воени цели е особено загрижувачко.

- Ме потсетува малку на она што се случи во физиката кога физичарите знаеја дека постои атомската енергија, можеа да ги измерат масите на различни атоми и можеа да пресметаат колку енергија би можела да се ослободи ако се променат различните видови атоми. И потоа се случи тоа и тие не беа подготвени - изјавил Расел.

Извор: The Guardian
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија