X
 01.12.2022 Живот

На ФЕИТ почна натпреварот во роботика за средношколците

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) почна Третиот натпревар во роботика и електроника ROBOMAC Junior 2022 наменет за средношколци. Организатори на настанот, кој ќе трае до 2 декември, се ФЕИТ во соработка со Лабораторијата за производство ФЕИТ-ФабЛаб и студентскиот огранок на IEEE. Натпреварот се одржува во просториите на ФЕИТ и на него учествуваат 54 ученици од четврта година од 28 средни училишта од Македонија, поделени во 2 категории, и тоа ROBOMAC Junior – АВТОНОМНА МОБИЛНА РОБОТИКА и ROBOMAC Junior – ПАМЕТНА ЕЛЕКТРОНИКА ЗА АВТОНОМНИ ВОЗИЛА.

- Освен активностите од натпреварувачки карактер, учесниците ќе имаат можност да следат и неколку предавања во кои ќе се претстават популарни теми од роботиката, вештачката интелигенција и електрониката, одржани од професори и експерти во областа. Натпреварувачкиот дел, пак, е осмислен во две категории и соодветно според областа во која се натпреваруваат кај средношколците се зголеми и интересот за роботика, автоматика и вештачка интелигенција, односно за паметните електронски системи кои се основа на системите со вештачка интелигенција - вели Весна Ојлеска Латкоска од ФЕИТ.

Од организацијата на натпреварите објаснуваат дека средношколците кои се вклучуваат на натпреварите ќе имаат можност преку работа со вистински роботи да се запознаат со сите клучни аспекти на еден роботски систем, почнувајќи од неговиот хардвер, можноста за негово програмирање преку соодветен софтвер, како и предизвиците за внесување на одредено ниво на интелигенција во истиот.



Организатор на првата натпреварувачка категорија е Институтот за автоматика и системско инженерство при ФЕИТ, а учесниците ќе се натпреваруваат во програмирање, управување и паметна навигација на мобилни Arduino роботи, со цел роботите самостојно и најбрзо да решат зададени задачи (избегнување препреки, следење патека, паметно паркирање и сл.).

Институтот за електроника, кој е организатор на втората натпреварувачка категорија за учесниците ќе обезбеди можност практично да работат со вградливи компјутерски системи, електронски сензори, електрични мотори и драјвери за нив, како и софтвер, да развиваат и имплементираат свои алгоритми за интелигентно водење.

Учесниците во оваа категорија ќе се натпреваруваат во развој на алгоритам за извршување специфична задача и негово имплементирање во соодветен програмски јазик за вградлива Arduino платформа.

Сите учесници и ментори ќе добијат благодарници за учество, а за најдобрите следуваат и медали.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот