Што нудат факултетите за учебната 2024/2025 година, кои насоки се најпопуларни и кои најдефицитарни, зошто студентите треба да се запишат на еден факултет, каква би била предноста при вработување и кои насоки во иднина ќе ги бара пазарот на трудот? Ова се дел од прашањата што си ги поставуваат матурантите секои април, мај и јуни кога почнуваат размислувањата на кои студии да аплицираат во јули, август и септември за да се стекнат со диплома и знаење на високото образование.
„Факултети.мк“ во следниот период ќе објави серија од стории за факултетите што нудат модерни и специфични наставни програми приспособени на потребите на пазарот на трудот. Овие текстови ќе служат како еден вид промоција на новите насоки, студии и катедри на факултетите и тие ќе бидат сместени трајно во посебна рубрика на порталот која ќе им служи на студентите како водич во намерата што подобро да се информираат што секој од факултетите може да понуди.
Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) е еден од највозбудливите и најатрактивните високообразовни центри.
„ФЕИТ затоа што сметам дека можам да просперирам со него секаде во светот“, „ФЕИТ затоа што електроенергетиката е најважна во општеството“, „Тоа е прозорец кон светот“, „Напредок и иновации“, „Многу кафе, лабораториски вежби и многу дружење“... се само дел од коментарите на студентите кои студираат на ФЕИТ, а се објавени на официјалната страница на „Фејсбук“.
На ФЕИТ може да се студира Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија, Електроенергетика и проектен менаџмент, Електроенергетски системи, Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика, Компјутерски технологии и инженерство, Компјутерско хардверско инженерство и електроника и Телекомуникации и информациско инженерство.
- Навистина е тешко да се сублимира каде сѐ можат да работат дипломираните инженери на ФЕИТ затоа што изборот е огромен. Зборуваме за големи компании од различни сектори (електроенергетскиот сектор, телекомуникацискиот сектор, ИТ- секторот, финансискиот сектор), мали и иновативни претпријатија и стартапи, фабрики, производители на опрема и нивни претставништва, регулаторни тела и државни агенции, истражувачки лаборатории, академија итн. Нашите инженери работат на дизајн, проектирање, тестирање, реализација, пуштање во употреба и следење на квалитет на современи системи од областите кои ги изучувале (комплетни компјутерски системи, комуникациски системи, електроенергетски системи, роботизирани електронски системи за автоматизација и друго), а се разбира дел од нив продолжуваат и со понапредни истражувања кај нас и во странство.
Практично, денес речиси и да не може да се замисли стопанска гранка во која инженерите по електротехника и информациски технологии немаат суштински важна улога. На пример, ако анализираме еден пример на производствен процес и комплетен систем за негово управување, ќе забележиме дека студиските насоки од ФЕИТ се препознатливи во секој негов дел.
Производствениот процес обично користи електрична енергија како примарен енергент кој се добива од електроенергетската мрежа или, пак, од обновливи извори за енергија кои фабриката ги поседува. Сите овие аспекти од електричните инсталации, дистрибутивната трафостаница, обновливите извори за енергија и заштитната електрична опрема се во примарниот фокус на „енергетските“ насоки (ЕЕС, ЕЕПМ и ЕАОИЕ) на ФЕИТ. Потоа енергијата се користи во фабриката за автоматизација на производствениот процес. За да се постигне тоа, се користат програмабилни логички управувачи, сензори, актуатори и роботизирани производствени линии за што се потребни знаења кои можат да се добијат на насоките КСИАР и КХИЕ. Конечно, мерните информации во индустриските процеси се пренесуваат телеметриски преку одреден комуникациски медиум и далечински се мониторираат и управуваат преку наменска софтверска апликација во облак. За да се реализираат овие барања, потребните знаења можат да се добијат на насоките ТКИИ и КТИ – објаснуваат од ФЕИТ.
На прашањето која насока е најпопуларна, а која е најдефицитарна, од ФЕИТ велат дека последниве 5-6 години најголема популарност имаат насоките Компјутерски технологии и инженерство и Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика. За останатите насоки има помал интерес, кој е на исто ниво кај сите.
- Дефицитарноста би ја коментирале од страна на барањата на индустријата со која сме во редовни контакти. Пазарот на труд има потреба (и недостиг) од нашите дипломирани инженери од областите на електроенергетика, обновливите извори на енергија, телекомуникации и електроника, па се надеваме дека идните студенти ќе ги препознаат предизвиците и можностите кои ги нудат и овие студиски програми и бројот на запишани студенти и на овие насоки ќе се врати на бројките од пред десетина години.
Последните истражувања во полето на вештачката интелигенција укажуваат на тоа дека во блиска иднина значително ќе се променат барањата на образовните профили на пазарот на трудот. Предвидувањата се дека вештачката интелигенција ќе ја намали потребата на работна сила во голем број сектори, но истовремено ќе ја зголеми потребата од инженерски кадри, токму оние што се образоваат на студиските програми на ФЕИТ. Во таа насока очекуваме дека многу скоро ќе се зголеми интересот за сите студиски програми, вклучително и оние за кои во моментот има помал интерес - се вели во анализата на ФЕИТ.
Според менаџментот на Факултетот, предноста на ФЕИТ е што е 65 години лидер во образување инженерски кадри, ФЕИТ образова седум различни видови инженери, кадарот на ФЕИТ е секогаш тука за студентите, ФЕИТ е едно од најактивните факултетски собранија на УКИМ, ФЕИТ има одлични современи лаборатории, соработува со водечките компании во државата, ФЕИТ практично ги подготвува студентите за идните предизвици и ФЕИТ има најголем број научноистражувачки проекти каде што вклучува студенти.
- Оваа година одбележуваме 65 години активна работа во образување инженерски кадри. Квалитетот и лидерството од неодамна се потврдени и со фактот што ФЕИТ е единствен факултет во државата со меѓународна акредитација од страна на ASIIN (германско акредитациско тело) на сите 7 студиски програми на прв циклус студии. Оваа акредитација ја потврдува примената на сите меѓународни стандарди за високо образование, што недвосмислено го гарантира квалитетот на инженерите што ги создава Факултетот.
Дополнително, ФЕИТ долги години важи за факултет каде што наставниот кадар е секогаш близок и достапен за студентите и ги поттикнува на заедничка работа и развивање на нивните потенцијали. Студентите на ФЕИТ, особено преку Факултетското студентско собрание на ФЕИТ, секогаш ги поддржуваме во реализацијата на нивните идеи поврзани со студирањето, но и надвор од него. Понатаму, поседуваме голем број современо опремени лаборатории во кои на студентите им се нуди длабоко практично знаење. Студентите се мотивирани да работат на интердисциплинарни проекти и да работат во тимови. Конечно, ФЕИТ е факултет со најголем број научноистражувачки проекти кај нас, па и работата на вакви проекти (за студентите во завршни години) им нуди поинакво практично искуство уште пред да излезат од студентските клупи - изјави проф. д-р Марија Календар, продекан за настава на ФЕИТ.
- ФЕИТ соработува со голем број компании, а дел од нив се членки на нашата партнерска програма, со што на студентите им се нудат можности за пракса во земјата и во странство. Компаниите многу често своите вработени ги регрутираат директно од ФЕИТ, а притоа на нашата веб-страница постојано се објавуваат и нивните огласи за вработување. Сите искуства покажуваат дека инженерите кои дипломирале на ФЕИТ се признаени, барани и добро платени од домашните и странските компании, дополнително истакна проф. д-р Живко Коколански, продекан за финансии и соработка со стопанството на ФЕИТ.
Оттаму сметаат дека сите седум студиски програми што се негуваат кај нив на прв циклус студии се неопходни за економскиот развој и дипломираните инженери од ФЕИТ ѝ се потребни на државата.
- Поради фактот што во иднина нѐ очекува уште поголем развој на технологијата, напредок и засилено користење на вештачката интелигенција, автоматизираните системи, Интернет-на-нештата, кибербезбедноста, но и сите технологии поврзани со неминовниот процес на енергетска транзиција, сметаме дека овие дисциплини ќе бидат идното инженерско јадро кое ќе го дефинира инженерот по електротехника и информациски технологии. Наставните содржини на нашите студиски програми постојано се обновуваат со вклучување на тековните научни резултати и сите современи технологии. На овој начин на студентите им даваме темелни знаења надградени со актуелните трендови од сите дисциплини кои се негуваат на нашиот факултет. Едноставно, во иднина проблемите ќе бараат интердисциплинарен пристап во решавањето и соодветни широки знаења од страна на инженерите. Имајќи го предвид сето ова, ФЕИТ создава комплетни инженери кои ќе можат да се соочат со предизвиците на новото време, применувајќи и надградувајќи ги стекнатите знаења на ФЕИТ. Докажаниот статус на ФЕИТ ни дава слобода нескромно да истакнеме дека само кај нас може да се создадат такви инженери, лидери во полето на електротехниката и информациските технологии - велат од ФЕИТ.
Фото: фејсбук-страница на ФЕИТ