Тој бил и активно вклучен во изработката на повеќе македонски закони од областа на образованието
Агим Рушити, насловен вонреден професор на Педагошкиот факултет во Скопје, е именуван за директор на Агенцијата за квалитет во високото образование. Органи на оваа Агенција се Одборот за акредитација на високото образование и Одборот за евалуација на високото образование, а таа требаше да биде формирана најдоцна до мај минатата година.
Професорот Рушити има големо искуство во областа на образованието. Во неговата биографија пишува дека бил директор на гимназија, професор по математика, а бил советник и раководител во Министерството за образование и наука во повеќе сектори, како и советник на министерот за образование од 2003 до 2006 година. Тој и сега е раководител на секторот за високо образование во МОН, пишува во неговата биографија поднесена во
Собранието.
Рушити е доктор по математички науки на Факултетот за информатички науки на Универзитетот во Нови Пазар, Србија, а со титулата доктор на педагошки науки се стекнал на Филозофскиот факултет на УКИМ.
Тој бил и активно вклучен во изработката на повеќе македонски закони од областа на образованието.
Покрај на Педагошкиот факултет, Рушити е насловен вонреден професор и на Факултетот за информатички науки при Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
За директорската позиција на оваа Агенција се пријавиле 6 кандидати. Директорот го именува и разрешува Собранието на Македонија врз основа на јавен оглас. Мандатот е 4 години со право на уште еден избор.