Властите кој до вчера негираа дека постоиме и кој велеа дека незнаат зошто сме протестирале, вчера седнаа на маса со студентскиот и професорскиот пленум, и тоа на нивен неочекуван и ненајавен императив. Средбата заврши со поедини согласувања, и од двете страни, но aposteriori ние студентите не сме толку наивни, и без да ги согледаме работите длабочински, да кажеме е да тоа е тоа, што требаше да го постигнеме.
Власта покажува одредена конвергенција со професорскиот и студентскиот пленум, барем така може да се заклучи по вчерашните ненајавени средби во владата, Премиерот како да стана наеднаш најзасегнат од носењето на овој закон, па лично тој седна да дебатира за спорноста и недоследностите на ваквиот веќе донесен закон, во собраниска процедура. Јас лично сум скептичен, дека ние студентите ќе постигнеме некаков договор со власта, кој ќе придонесе да бидат задоволени и двете страни, сметам дека вчерашната средба како и прекинувањето на штрајкот на СОНК, е само варијабилата на политичките збиднувања во државата, па така мора Владата да ги смири оние кој може да наштетат сега кога вниманието е кон нив, т.е Власта. Очекувам деновиве да излезат професорите и студентите кој за овој закон дадоа афирмативен став, и да кажат дека ова што го прави Премиерот е како прво индолентно кон нас, што го поддржуваме овој пакет мерки за високото образование, и повторно да бараат средба кај Претседателот на државата, со цел да забрани одлагање на законот за високо образование, така на овој начин ќе покажат дека не се булумента на владеачката гарнитура.
Студентите за овие предлози и за понатамошното дејстување ќе се договорат на начин што ќе го слушнат мислењето на сите студенти, а нема да доенсат одлука само одреден круг на студенти, впрочем тоа и го прави силно ова студентско движење, наречено студентски пленум. Ова движење акумулира многу студенти, тоа го покажавме на неколкуте маршови што ги направивме низ македонските улици, сега е време за нешто посериозно, затоа што власта не не слушна од пред владата, решението го видовме во окупацијата на универзитетот, како што го нарековме „окупација на универзитетот за негово ослободување“, последните настани од вчера малце како да се променија, барем за пред широката јавност, дека премиерот како да постигнал некаков договор со нас студентите, но секако дека тоа не е точно, нашата крајна цел е укинување на државниот испит, и седнување на маса со МОН, за решавање на проблемите во Високото образование на транспарентен начин, и со анализи што точно недостасува, и каде се проблемите во Високото образование. Само на ваков начин, може да се постигне некаква конвергенција со властите. Ние кон властите не се однесуваме антагонистички, него тие со нас, ние бараме дебата, тие бараат предлози за државниот испит, ние баравме одложување на пакет –мерките за високто образование затоа што се спорни, тие го носат во скратена постапка, ние студентите договор за окупација на универзитетите, тие сега на дебата. Ова значи и формално призанавање пред широката јавност, дека не сме манипулирани од некој соросоиди или опозициски партии или можеби странски служби, туку сме едно афтокефално движење со свои сопствени ставови и свои сопствени перцепции.
Автор: Стефан Васев, студент на Институтот за родови студии