Во една недела да одржиш пет пати на концерти што траат повеќе од два часа, без помош од придружни вокали кои би те „покриле“ кога ќе снеможиш, вокалот да биде ист како на првиот концерт, тоа е достојно за поклон! Аплауз, Каролина!
фото: Стефан Рајхл
Седум закажани концерти што траат повеќе од два часа во рок од една недела можат да реализираат големи светски ѕвезди. Со помош на армија придружни вокали и логистика за тоа да се оствари, се чини не е невозможно. На нашата музичка сцена деновиве Каролина Гочева докажува дека е професионална како која било светска ѕвезда. Синоќа го одржа петтиот концерт од промоцијата на албумот „Извор“.
Во период од една недела да одржиш пет концерти што траат повеќе од два часа, без помош од придружни вокали кои би те „покриле“ кога ќе снеможиш, вокалот да биде ист како да си бил на првиот концерт, тоа е достојно за поклон! Маратонот продолжува и вечерва, а завршува утревечер во Скопје. На 9 март, „Авалон продукција“ закажа концерт и во Охрид.
Автор на „Извор“ е Никола Мицевски, долгогодишен соработник на Каролина. Слушнавме десет нови песни, еден нов звук и комбинација на повеќе стилови од Каролина, кој ни доаѓа како логичен след на „Македонско девојче 2“.
Каролина покажа огромна почит кон својот тим, особено кон музичарите на сцена. Публиката со внимание пиеше од „Извор“-от. Има ли поголема награда за еден уметник кога на промоцијата на нов албум, публиката ги пее сите песни наизуст од претходниот?
Каролина е наше национално богатство. На македонската музичка сцена е од свои 12 години и оттогаш нејзината приказна станува само поинтересна и повозбудлива. Стамено влегува во секој нареден проект, речиси никогаш не изневерувајќи ја својата, а стекнувајќи и нова публика.
Со двата проекта „Македонско девојче“, a сега и „Извор“, го пронајде своето музичко „јас“.