X
 02.03.2019 Технологија

ЕУ: „Фејсбук“, „Гугл“ и „Твитер“ немаат успех во борбата со лажните вести

Европската Унија е незадоволна од технолошките гиганти „Гугл“, „Фејсбук“ и „Твитер“ затоа што сите овие три корпорации не успеаја да го спречат ширењето на лажните вести.

Во октомври трите компании се согласија да се борат против политичките дезинформации што се појавуваат на нивните платформи. Но, врз основа на извештаите за месечниот напредок на компаниите, европските службеници сега имаат чувство дека компаниите не се трудат доволно.

Европската комисија објави соопштение во кое е истакнато точно на кои полиња заостануваат овие технолошки гиганти.

„Фејсбук“, на пример, не обезбедил информации за тоа како го зголемил надзорот над политичките реклами. Податоците што ги споделиле од „Гугл“, пак, се премногу нејасни и нецелосни за да може да се каже дали компанијата всушност посветила внимание на проблемите, а од „Твитер“ решиле да не споделуваат информации со ЕК во нивниот јануарски извештај.

Според соопштението, кое беше напишано од страна на еврокомесарот за безбедност Џулијан Кинг, како и од страна на тим други комесари, компаниите имаат рок да дејствуваат до крајот на годината, пред Европа да размисли за воведување построги прописи за нив.

- За жал, тие уште повеќе заостанаа. Треба да ги исполнат стандардите што ги бараме од нив - напиша Кинг на „Твитер“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија