X
 29.09.2019 Технологија

Илон Маск: Напредна вештачка интелигенција ќе манипулира со социјалните мрежи

Вештачката интелигенција би можела да го дестабилизира екосистемот на интернет-вестите, а според милијардерот Илон Маск, социјалните мрежи ќе бидат првите жртви.

Маск на „Твитер“ напиша дека напредната вештачка интелигенција ќе се користи за манипулација на социјалните мрежи, ако, како што наведе тој, веќе и не е така. Тој додаде дека анонимните јата ботови се развиваат многу брзо.

Не е јасно на што точно мислеше Маск кога предупреди за напредната вештачка интелигенција и анонимните јата ботови. Можеби е поврзано со извештајот на „Њујорк тајмс“ објавен два часа пред твитовите на Маск, а во кој беше наведено дека најмалку 70 земји користеле социјални мрежи за да шират дезинформации.

Маск во минатото зборуваше за неизбежната закана од вештачката интелигенција.

- Многу поголема закана од Северна Кореја - напиша тој на „Твитер“ во 2017 година.

Во документарен филм од 2018 година наречен „Дали му верувате на овој компјутер?“, Маск сугерираше дека вештачката интелигенција би можела да стане бесмртен диктатор од кој никогаш не би можеле да избегаме.

Маск, сепак, можеби зборува за нешто многу пообично. Анонимни јата од ботови може да се однесува само на неговите безбројни имитатори на „Твитер“ или за лажните профили како целина на социјалните мрежи. Тие лажни идентитети може да се користат за политички придобивки.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија