X
 02.03.2019 Технологија

Најдобрите апликации за менување на вашите навики

Иако паметните телефони се обвинети за многу лоши работи - од намалување на нашата концентрација до инвазија на нашата приватност - овие џебни компјутери сигурно дека можат да бидат и сила за добри нешта. На пример, менување на нашите лоши навики во добри.

Вашиот телефон е секогаш со вас, што го прави совршена направа која може да ве поттикне на поздрав живот, без разлика дали сакате да ослабите или да ги откажете цигарите.

Еве неколку апликации што можат да ви помогнат во тоа.

1. Streaks

Оваа апликација може да ви помогне да си ги остварите малите секојдневни цели, без разлика дали тоа е јадење доволно овошје или средување на кујната. Целите не мора да се за секој ден, тие може да се и неделни, па можете да си ги адаптирате самите. Ќе се изненадите колку поголема волја ќе имате кога ќе гледате како вашиот календар постепено се пополнува.

Оваа апликација чини пет долари и е достапна само за „ајфон“.

Фото: Popular Science

2. HabitHub

Интерфејсот е заснован врз календар каде што можете да го следите напредокот на формирањето на вашите навики. Можете да следите пет навики бесплатно или неограничен број навики за пет долари. Оваа апликација е достапна за „Андроид“.

Фото: Popular Science

3. Habitica

Оваа апликација ја претвора целта за формирање добри навики во игра, со сопствени карактери и поени. Апликацијата е забавна и ви овозможува да создадете навики заедно со пријателите и фамилијата. Освен регуларните повторувачки навики, можете да додадете и погенерална листа на нешта што треба да ги направите, а и наградите што ќе ги добивате може да се приспособат - може да се честите оброк или да си го продолжите времето за играње игри. Апликацијата е достапна и за „Андроид“ и за iOS.

Фото: Popular Science

4. Smoke Free

Ако сте решени да се откажете од цигарите, тогаш ова е една од најдобрите апликации, која дополнително ќе ве поттикне да направите трајна промена. Апликацијата нуди многу корисни функции за луѓе што сакаат да престанат да пушат. Така, можете да видите како напредувате, имате и графикони на кои ви е прикажано како ви се подобрува здравјето, имате секојдневни охрабрувања и за мал надоместок може да добиете и совети за техниките за откажување на цигарите. Апликацијата може да биде бесплатна, а може и да треба да плаќате еден долар неделно за дополнителните функции. Достапна е и за „Андроид“ и за iOS.

Фото: Popular Science

5. Google Fit и Apple Health

Овие апликации ќе ви ги бројат чекорите со помош на сензорите на вашиот телефон, а можат да прифатат и многу други податоци од други апликации. Важно е што и двете апликации имаат функции за поставување цели и за потсетници, со кои можете да се осигурате дека доволно се движите во текот на денот и многу други нешта. Ако имате паметен часовник, овие апликации работат и на вашиот зглоб.

Фото: Popular Science
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија