Една од фасцинантните работи во работата на психотерапевтите е можноста да се забележи дека голем дел од нашите проблеми настануваат токму затоа што самите си стоиме на патот.
Тешкотиите со кои се соочуваме често се резултат на саботажа на себеси, а нивното надминување бара борба со сопствените нагони и напор да не се подлегне на секоја желба. Секако, тоа е полесно да се каже отколку да се направи. Да се изгубат килограми и да се одржува телесната тежина, да се излезе од долгови, да се најде работа што за човек ќе има смисла, да се одржува среќна и долга врска - сето тоа бара одложување на моменталните задоволства заради долгорочни цели.
Она што психологијата го нарекува „одложување на задоволството“ со векови претставувало корисен механизам. Но, со право можеме да се запрашаме: зошто денес животот често изгледа толку тежок? Зошто инстинктите кои некогаш нè штителе денес толку често нè туркаат во проблеми?
Еден од централните поими на еволутивната психологија е „еволутивна неусогласеност“. Едноставно кажано, ние сме се развиле во сосема поинаква средина од онаа во која живееме денес. Затоа нашиот мозок, телото и инстинктите не се добро приспособени на сегашноста.
Колку е тоа важно? Зарем карактеристика на нашиот вид не е токму способноста да умее да се приспособи? И да и не. Луѓето навистина умеат да се носат со нови проблеми, да соработуваат и создаваат технологија што помага во решавање на предизвиците. Но, антрополозите проценуваат дека човечката генетика и анатомија не се промениле значајно околу 100.000 години. Тогаш сме живееле во мали ловечко-собирачки заедници, земјоделството сме го развиле пред 10.000 години, а цивилизациите пред околу 5.000 години.
Современата средина, со градови и технологија, е целосно нова за нашето тело и мозок. За генетски промени се потребни милениуми, а културните и технолошките промени настануваат во рок од една генерација. Последиците се очигледни - можеби најмногу на нашиот струк. Инстинктот за прејадување со солена храна полна со масти и слатка храна некогаш значел преживување. Денес живееме во свет на „хипервкусна“ храна, развиена да биде попривлечна од сè што постои во природата. Резултатот: дебелината стана поголем јавно-здравствен проблем од неисхранетоста.
Фото: Freepik
Слично се случува и со светот на љубовните врски. Некогаш изборот на партнер бил ограничен на мал круг луѓе, а денес имаме апликации што нè поврзуваат со илјадници личности. Наместо олеснување, тоа често носи парализа на изборот, анксиозност и површни интеракции.
Неусогласеноста го објаснува и растот на проблемите со менталното здравје. Некогаш заедницата, заедничката работа, ритуалите и чувството на смисла биле составен дел од животот. Денес тоа повеќе не е нужно, па многумина живеат осамено, без исполнета работа и без чувство за цел. Токму затоа, депресијата може да се сфати не како „дефект на мозокот“, туку како сигнал дека ни недостига нешто суштинско.
Иронично, решенијата често ги бараме токму во технологијата. Како што „хипервкусната“ храна го искористува нашиот глад, така и алатките на вештачката интелигенција како „Чет-ГПТ“ ја погодуваат нашата потреба за смисла и поврзаност. Луѓето развиваат емоционална врзаност со овие алатки, што кај ранливите може да поттикне и психотични епизоди.
Поентата не е дека треба да се вратиме во пештерите. Животот порано не бил идеален. Поентата е дека многу од нашите проблеми произлегуваат од фактот што живееме во свет за кој не сме „дизајнирани“. Ако тоа не го земеме предвид, лесно паѓаме во самокритика и чувство на неуспех.
Разбирањето на еволутивната неусогласеност ни овозможува да гледаме на проблемите со повеќе јасност и сочувство кон себе. Наместо да се обвинуваме за „недисциплина“, можеме да разбереме зошто тоа се случува и да воведеме мали промени - од отстранување на нездравата храна од домот до ограничување на времето поминато на социјалните мрежи.
Поголемите промени подразбираат градење заедница, смисла и ритуали како нешто основно, а не како луксуз. Затоа што ние не сме „оштетени“, туку едноставно живееме во чудни времиња.
Извор:
bizlife.rs
Фото: Freepik