Белата куќа објави дека повеќе нема да се бара од патниците да бидат вакцинирани против ковид-19 за да влезат во САД.
На 11 мај, кога ќе заврши вонредната состојба поврзана со коронавирусот во САД, барањето за вакцинација против ковид-19 ќе биде отфрлено за луѓето што патуваат со меѓународни летови и за федералните вработени, соопшти Белата куќа.
Во февруари Претставничкиот дом на САД гласаше за укинување на барањето повеќето странски патници да бидат вакцинирани против ковид-19, едно од ретките ограничувања за патување поврзани со пандемијата што сѐ уште постои.
Во јуни минатата година администрацијата на Бајден го отфрли барањето луѓето што пристигнуваат во САД со авион да бидат негативни на тестот за ковид, но ги задржа барањата на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) да се вакцинираат повеќето странски патници.
Одделот за внатрешна безбедност, исто така, вчера соопшти дека повеќе нема да бара од патниците што не се државјани на САД и кои влегуваат во земјата преку копнени контролни пунктови или на фериботи да се вакцинираат против ковид и да обезбедат доказ за вакцинација.
Извор: МИА