Професорите се закитија со оригинални пофалби, на пример, кул професори кои работат како машина, па студентите рекоа дека тие ќе им бидат пример до крајот на животот.
Најмногу пофалби убедливо доби Горан Илиќ од Правниот факултет од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, но и професорката Ана Павловска-Данева, редовен професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“
Онлајн-предавања, онлајн-вежби, онлајн-испити ...
Како професорот да им пренесе знаење на студентите кога не се присутни во иста просторија со него, а истовремено да ја одржи врската со нив. Како да ги мотивира, да ги оцени... Со сите овие предизвици универзитетските професори се соочуваа цела година.
Но, токму посветеноста и искреноста беа главните карактеристики кои на студентите им оставија впечаток кај нивните професори, во време кога предавањата и испитите се одвиваа во едни поинакви услови од претходно.
Највисоки оцени дадоа за професорите кои им постојано биле достапни, кои имале оригинални онлајн-предавања и безрезервно се посветиле и успеале преку камерата на компјутерот да им го задржат вниманието и да им го дадат потребното знаење.
Професорите се закитија со оригинални пофалби, на пример, кул професори кои работат како машина, па студентите рекоа дека тие ќе им бидат пример до крајот на животот.
Најмногу пофалби убедливо доби Горан Илиќ од Правниот факултет од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, но и професорката Ана Павловска-Данева, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Ова го покажа онлајн-анкетата која на почетокот од јуни годинава ја реализира Факултети.мк, а во која студентите одговараа кој професор им оставил најголем впечаток во оваа учебна година и зошто. Пристигнаа околу 300 одговори на студентите од трите универзитети УКИМ, УКЛО и УГД.
Многумина од предлозите на студентите се професори кои веќе се нашле на пиедесталот најдобар професор, но овој пат тие дадоа пофалби и за професори чии имиња не се нашле во нашите анкети, а овој период посебно се истакнале и биле нивни херои.
Ова е листа со универзитетски професори чии студенти ги предложија за најдобри во оваа пандемска година.
Универзитет „Свети Кирил и Методиј“
Марија Ѓорѓиева-Димова - Филолошки факултет ,,Блаже Конески“
Вистинска инспирација за своите студенти оваа година била професорката Марија Ѓорѓиева-Димова, редовен професор на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ во Скопје.
Еве што напишаа дел од нејзините студенти:
- Факултетската училница како парадигма за академски утврдениот интелектуален ,,дом“ во кој се случува секогаш благородната средба меѓу професорите и студентите беше заклучена поради неподобните услови во текот на последната академска година, професорката Марија Ѓорѓиева-Димова, искуството на ,,виртуелната училница“, за нас, студентите, и покрај сите предизвици со кои нѐ соочи новиот електронски посредуван наставен концепт, успеа да го нивелира со искуството на автентичната училница.
- Нејзините методичност, темелност, секогаш организиран корпус на содржини, епистемиолошкиот и педагошки фокус во менторското следење на нашата самостојна работа, нашите резултати и академски развој во текот на годината придонесоа за успешно совладување на материјата по теориските предмети по книжевност, секогаш доследно проследена со внимателно и поткрепливо избран илустративен материјал и предлози на книжевни наслови како дополнителни менторски предуслови кои ветуваат проширување на хоризонтите на нашите интереси.
Никола Минов, Филозофски факултет, Скопје
Пријателскиот пристап на професорот Никола Минов, вонреден професор од Институтот за историја, бил најдоброто решение оваа година да им го задржи вниманието на своите студенти.
Зошто студентите уживале во неговите предавања?
- Професорот едноставно е кул. Тој е посебен на секое поле, ама буквално посебен.
- Во текот на оваа пандемија професорот се залагаше за најквалитетно можно образование и покрај неможноста за физичко присуство. Нè поттикнуваше и нè мотивираше. Ништо не беше монотоно, едноставно уживавме.
- Начинот на предавање беше многу интересен и професорот навистина се трудеше во време на корона да ни го задржи вниманието со проекти.
Ана Павловска-Данева - Правен факултет „Јустинијан Први“
Пофални зборови за професорскиот ангажман доби професорката Ана Павловска-Данева, редовен професор на Институтот за правно-политички науки. Дел од нејзините студенти посочија дека токму таа била заслужна да го засакаат правото и да го научат со разбирање.
- И покрај новоизменетите услови за учење во време на пандемија, целосно успеа да ни обезбеди највисок квалитет на образование. Со нови стратегии и технологии на часовите, секогаш насмеана и достапна за нас, нè поттикна одговорно и посветено да се фокусираме на учењето. Нејзините часови не се монотони како на другите професори, туку напротив, тие се интересни и инспиративни.
- Таа е крајно професионална, кооперативна и подготвена секогаш за објаснување и помош на студентите да го совладаат материјалот, да дообјасни тоа што не ни било јасно на претходните часови и на крај, затоа што со почит се однесува кон нас, студентите, како со идни свои колеги.
Елена Наумовска, Економски факултет, Скопје
Посветеноста и темелноста биле главните карактеристики што изминатата година ги уочиле студентите на професорката Елена Наумовска, вонреден професор на Катедрата за финансии при Економскиот факултет во Скопје.
За неа кажаа:
- Успева да пробуди интерес за материјалот кај сите студенти, нè поттикнува и мотивира да размислуваме и надвор од она што ни е дадено, се труди секој еден студент да биде вклучен во наставата и несебично се вложува во кое било време да им помогне за студентите. Секогаш подготвена на сè, професорката Елена најдобро успеа да се адаптира на ситуацијата предизвикана од пандемијата и онлајн-предавањата, успевајќи да го задржи високиот квалитет на настава на своите предмети (и во летен и во зимски семестар). И најважно од сè, професорката Елена искрено се труди да прераснеме во успешни професионалци, учејќи нè на вистински практични работи, а притоа максимално се вложува да придонесе за нашиот развој и навистина искрено се радува на нашите успеси. Професор и ментор за пример!
- Не постои професор на Економски кој е повеќе посветен на својата професија и пред сè на студентите. Сите студенти од департманот финансиски менаџмент ќе се сложат дека проф. Елена Наумовска заслужува огромно признание за својата работа.
- Една од ретките професори што сака да нè научи како понатаму во животот, не само на професионална основа, туку и во приватниот живот. Несебична и трпелива, секогаш достапна за нас, студентите. Понекогаш се случуваше една иста работа да ја повтори неколку пати и додека не се осигури дека сите сме сфатиле, не продолжуваше понатаму. Секое предавање беше интересно, секогаш ни кажуваше понекој интересен факт или случка. А најмногу од сè, на утринските предавања знаеше да ни каже по некој цитат или анегдота за да нè расони и мотивира да слушаме внимателно понатаму.
Јован Ивановски - Архитектонски факултет, Скопје
Студентите од Архитектонскиот факултет како еден од најомилените професори, а особено добар во организирање на онлајн-наставата, го издвоија професорот Јован Ивановски.
- Во овие демотивирачки услови на пандемија професорот успеа да ни го долови она што треба да го знаеме за проектирањето што се одвива на актуелната сцена во светот на архитектурата. Нè уфрли во професијата да размислуваме и да ја сфатиме професионално и да бидеме во тек со настаните. Покрај тоа што архитектура не се учи на далечина, сепак, можам да кажам дека нашата генерација (според зборовите на професорот) колку-толку успеа да се приближи до нивото на претходните генерации на колеги кои студираа во нормални услови, значи не сме ништо полоши од нив, а ни подобри.
- Професорот беше секогаш редовен, предавањата почнуваа точно навреме, немаше скоро никакви технички проблеми, Имаше големо разбирање за ситуацијата во која се наоѓаме и не ретко беше толерантен. Субјективно, можам да кажам дека тој е меѓу најдобрите професори на УКИМ. Професоре, ви благодариме!
Денис Поповски - Градежен факултет, Скопје
Доц. д-р Денис Поповски, кој предава на катедрата за метални конструкции на Градежниот факултет, е професорот што доби најмногу позитивни реакции од студентите од овој факултет.
- Човекот е машина.
- Начинот на кој ја предава материјата е многу интересен и практичен и ни овозможува нам, студентите, брзо и лесно нејзино впивање. Од друг аспект, професорот секогаш е достапен за консултации, трпелив со студентите и секогаш е тука за да нè расположи со неговите досетки и да нè поучи на важни животни лекции поврзани со професијата со кои би се сретнале понатаму во праксата. Добар ментор, пред сè!
Ивица Милевски - Природно-математички факултет
Професорот Ивица Милевски од Институтот за географија на ПМФ организирал многу добра онлајн-настава за своите студенти.
Ова се пофалбите за него:
- Оригинален, со огромно знаење, учтиви и мошне интересни предавања.
- Има прекрасен однос со студентите.
Игор Мишковски-ФИНКИ
Според коментарите на студентите, професорот Игор Мишковски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство е еден од омилените професори на овој факултет. Велат дека на неговите часови со знаење се стекнуваат само од слушање.
- Одлично го владее материјалот, а уште поважно - знае да им го пренесе на студентите преку континуирана интеракција.
- Иако сум поспан и изморен од студентските обврски, професорот секогаш успева да ме мотивира да се вклучам активно во дискусиите на предавањата. Редовен е на консултациите, макар и кога не се чувствува добро, се труди да ги разјасни работите.
- Добро објаснува и покрај тоа што беше сè онлајн, секогаш беше тука за студентите. Дозволуваше и студенти од други групи/други професори да се пуштаат на неговите тестови и консултации. Му помагаше на секој доколку му беше потребна помош при учење на материјалот.
Марко Костовски, асистент на Медицинскиот факултет во Скопје
Студентите на асистентот д-р Марко Костовски на катедрата за микробиологија и паразитологија на Медицинскиот факултет во Скопје велат дека во годината кога условите на студирање биле ограничени, токму тој максимално се трудел постојано да биде на линија со нив и да им овозможи веднаш да дојдат до материјалите потребни за предавање и учење. Го карактеризираат како најпосветен и најажурен асистент.
- Единствен кој континуирано го следи нашиот напредок индивидуално. Беше асистент по два предмети, а по едниот од нив подготви прирачник со видеопрезентации кој го сподели јавно и бесплатно за сите студенти полесно да се снаоѓаат понатаму во материјалот. Одличен е и на новиот предмет по микробиологија, навистина детално и концизно ни ги доловува работите. Секогаш е принципиелен, но правичен.
- Изминатиот период беше најпожртвуван. Издаде бесплатен прирачник во пандемијата, достапен онлајн за сите студенти, со најмодерни видеопоткасти. Секогаш е фер и секогаш отворен за комуникација и помош.
- Асистентот е навистина трудољубив и креативен. Бидејќи вежбите по микробиологија се одвиваат онлајн, тој за секоја вежба ни ги снима видеата и ни ги прикачува на платформата Микрософт тимс, со што можеме вежбите да ги преслушуваме колку пати сакаме и многу појасно го сфаќаме материјалот. Тој е ажурен, секогаш достапен за консултации и секогаш навремено ги доставува информациите во врска со полагањата. Минатата година тој беше асистент на катедрата за хистологија со ембриологија, па со почетокот на пандемијата, преку снимените видеа од хистолошки препарати успеа на сите студенти да ни ја долови хистолошката градба на ткивата, иако немавме вежби под микроскоп на факултет.
Студентите од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола како најинспиративни професори ги избраа Горан Илиќ од Правниот факултет и Бисера Костадиновска-Стојчевска од Педагошкиот факултет.
За проф. д-р Горан Илиќ од Правниот факултет студентите велат дека на предавањата е изразена неговата желба студентите да го добијат потребното знаење.
- Одличен професор, со многу добар пристап кон нас, студентите, елоквентен, принципиелен, со високо ниво на познавање на областа што ја предава. Педантен и секогаш подготвен да му помогне на секој студент. Пример за млад професор-професионалец.
- Беше максимално посветен да ни го пренесе неговото знаење без разлика што предавањата беа онлајн. Го држеше нашето внимание од почеток до крај на предавањата.
- Секое предавање е со различна техника, има голем степен на интеракција за време на предавањата, сè е дообразложено со практични примери и јасно.
Се чини дека вистински пример за своите студенти е доцент д-р Бисера Костадиновска-Стојчевска од Педагошкиот факултет во Битола. Нејзините студенти ја опишуваат како добар предавач, кој знае како на едноставен начин да го им го пренесе знаењето, им помага низ студирањето, но истовремено ја доживуваат и како нивен другар.
- Професорката секогаш ни била, пред сè, другарка, пријателка, колешка. Кога предава, уживам! Ја разбирам, ја следам и сакам да бидам како неа!
Најмногу ни помага!
- Секогаш ни објаснува темелно и исцрпно. Од неа навистина учам!
- Од неа научив како да бидам професор кој го сакаат децата!
- Професорката, и покрај сите препреки и обврски настрана од факултетот, ниту еднаш не нè остави без предавања. Ниту еднаш не нè остави да немаме час.
- Кога предава и онлајн и со физичко присуство, не можам, а да не ја слушам. Учам.
Студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип најмногу ја издвоија доцент д-р Ана Витанова-Рингачева од Филолошкиот факултет.
Според нив, Ана Витанова-Рингачева од катедрата за македонски јазик и книжевност, е професор за пример.
Еве, што велат за неа:
- Зошто таа е најдобра? Затоа што е човек, родител, професор и доктор на филолошки науки.
- Компетентна, човечна, инспиративна. Тоа се тие квалификации со кои таа се краси, а ретко кој професор ги поседува.