Манипулации, различни влијанија и притисоци денес се присутни повеќе од кога било. Покрај возрасните, на нив се изложени и децата.
Знаењето е лек против манипулацијата. Знаењето од сигурни извори, засновано на факти, тоа е она со кое треба да го вооружиме детето. Кога младите се информирани, тогаш со нив е многу тешко да се манипулира. Затоа е важно децата да учат со разбирање, да читаат, да истражуваат. Важно е нивните видици постојано да се прошируваат и да им се објасни дека освен што треба да се работи за да се обезбедат средства за живот, треба и да се носат правилни одлуки.
Кај децата треба да се поттикнуваат активното учење и критичкото мислење. Љубопитните деца често ги опишуваме како напорни, кои многу бараат, но тие деца треба да се поттикнуваат и да не се прават обиди за задушување на нивното љубопитство. Секако, многу е важно да ја препознаеме разликата помеѓу детето кое своето мислење го брани и застапува аргументи и детето кое се инаети и ги испитува родителските граници.
Честите облици на манипулација на младите се предизвикување на чувство на вина и страв, одбивање, играње со чувствата и слично. Сите тие начин за манипулација се помалку ефикасни кај младите кои поседуваат комуникациски вештини и голема самодоверба. Нивниот став и самодоверба ќе ги увидите според држењето, изразот на лицето, ракувањето, тонот на гласот.
Многу деца денес поминуваат време пред таблет, телефон, компјутер, наместо на свеж воздух и игра со другарчињата. Поради брзото темпо на живот, родителите немаат доволно време за разговор и игра со децата. Тоа се услови кои не им оставаат доволно простор на децата да развиваат комуникациски и социјални вештини. Исто така, пречка е и преголемото заштитување и давање помош кога не треба. Потребно е да се охрабруваат и да се поттикнуваат сами да ги решаваат проблемите и да се борат за себе.
Бидејќи на нив најмногу им влијае тоа што го правиме, а не тоа што го зборуваме, потребно е со личен пример да им се покаже како да се комуницира и како се собираат информации од сигурни извори, како со аргументирање се застапува сопственото мислење, како се поставуваат граници во односот со другите и слично. Наместо со телефони и таблети, децата треба да бидат полни со знаење, самодоверба и социјални вештини, па така нема да бидат мета на манипулација и притисоци.
Автор: Бранка Василев / психолог, „Центар за маме“