X
 03.01.2021 Живот

Зошто обожаваме да гледаме божиќни филмови?

Секоја година излегуваат десетици божиќни филмови низ светот кои луѓето обожаваат да ги гледаат. Некои гордо ги гледаат овие филмови, додека за други тие претставуваат тајно задоволство. Сепак, тоа се едни од најгледаните филмови. Зошто сме привлечени од овие симпатични празнични филмови? Експертите за ментално здравје откриваат.

Тие нудат чувство на сигурност

Божиќните филмови често се направени по формула и колку и да ги исмеваме, нашите мозоци ја сакаат сигурноста во овие наративи, особено во време на пандемија. Психологот Кети Мортон објаснува дека човечкиот мозок сака да следи шеми и сака предвидливост, особено кога е под стрес. Очекуваниот крај може да релаксира бидејќи го покажува животот на поедноставен начин, а на тој начин ни помага да избегаме од мрачната реалност.

Нè привлекуваат едноставни решенија

Мортон додава дека луѓето можеби повеќе ги гледаат овие филмови годинава поради пандемијата. Нè привлекуваат едноставните решенија во овие филмови бидејќи секојдневието најчесто има повеќе прашања отколку одговори.

Позитивни се

Психологот Санија Мајо објаснува дека луѓето најчесто сакаат да гледаат божиќни филмови за време на празниците бидејќи тие се позитивни, иако се предвидливи. Позитивните филмови ни го подобруваат расположението во тешките периоди. Празниците може да бидат депресивни за некои луѓе, па филмовите нудат привремен оптимизам.

Позитивните филмови влијаат и врз хормоните, а истражувања покажале дека романтичните комедии може да го поттикнат лачењето на допамин и окситоцин.


Фото: Pixabay

Нудат бегство за исполнување одредени потреби

Психологот Макана Чок вели дека луѓето гледаат вакви филмови за да исполнат одредени потреби. Овие потреби може да бидат емотивно исполнување и задоволство или поистоветување со искуствата на ликовите што ги сакаме. Празниците може да бидат стресни, особено оваа година, и затоа е добро да може да се избега во свет во кој сè функционира совршено.

Мозокот сака среќен крај

Нашите мозоци сакаат да се чувствуваат добро, а романтичните комедии ни помагаат да се чувствуваме добро. Среќните краеви нè потсетуваат на значењето на наоѓањето решенија и придобивките од нив.

Нè поттикнуваат да сонуваме

Божиќните филмови прават да се чувствуваме како да сме дел од светот кој се прикажува во нив. Дури иако знаеме дека приказните не се реалистични, филмовите го будат делот од нас што се осмелува да сонува и да ја користи имагинацијата.

Автор: Керолин Болоња
Извор: huffpost.com
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот