Во земја каде што над 80 отсто од жителите живеат во јавни живеалишта, државната обврска за одржлив урбан дизајн може да има огромни влијанија. И кога станува збор за тропска земја, каде што климатизацијата е начин на живот, влијанието може да биде уште поголемо.
Ветувајќи 42.000 нови домови низ пет станбени области, екоградот Тенгах (малајски збор за „средина“ иако е во западниот регион на островот), ќе биде 24. нова населба изградена од сингапурската влада по Втората светска војна.
Сепак, населбата ќе биде првата со централно ладење, автоматско собирање на ѓубрето, а ќе има градски центар без автомобили, кој се надеваат дека ќе помогне во намалувањето на емисиите на јаглерод.
Официјалните лица го нарекоа „шумски град“ поради изобилството на зеленило и јавни градини. Некогаш живеалиште на фабрики, а подоцна и место каде што се спроведувала воена обука, локацијата од 700 хектари е обновена од широката секундарна шума во последниве години. Еколошкиот „коридор“ широк 328 метри ќе се одржува низ неговиот центар, овозможувајќи безбеден премин на дивиот свет и поврзувајќи го сливното подрачје од едната страна со природниот резерват од другата страна.
- Проектот е одличен за урбанистичките планери кои се залагаат за принципите на зелен дизајн и паметна технологија - вели Чонг Фук Лунг, директор на групата за истражување и планирање од
сингапурскиот одбор за домување и развој, агенција што го надгледува јавното домување во земјата.
- Одиме кон идеалниот концепт на поделба на сообраќајот. Сакаме град што овозможува пешачење и возење велосипед на многу лесен начин. Кога ја планиравме патната мрежа, предвидовме иднина каде што автономните возила ќе станат реалност - рече тој.
Иако е релативно мал, со популација под 6 милиони луѓе, емисиите на Сингапур по глава на жител се поголеми од оние во Велика Британија, Кина и соседна Малезија, според податоците на Националниот секретаријат за климатски промени на земјата. Тоа делумно се должи на климатизацијата, што претставува повеќе од една третина од типичната потрошувачка на енергија во домаќинствата. Глобалното затоплување само ќе ја влоши оваа зависност. Метеоролошката служба на Сингапур предвиде дека до крајот на овој век просечните дневни температури во градот-држава може да бидат најмалку 34,1 Целзиусови степени речиси секој ден во текот на осумте најтопли месеци од година.
Затоа одржувањето на свежината ќе биде неопходност за жителите. Студената вода, изладена со употреба на сончевата енергија, ќе се испорачува низ домовите на округот, што значи дека жителите не треба да инсталираат неефикасни кондензатори на отворено. Ова ќе генерира заштеда на јаглероден диоксид еквивалентно на отстранување 4.500 автомобили од патиштата секоја година.
Планерите користеле компјутерско моделирање за да симулираат проток на ветер и добивка на топлина низ градот, помагајќи да се намали таканаречениот ефект на урбан топлински остров. На друго место, „паметните“ светла ќе се исклучат кога јавните простори не се зафатени, а ѓубрето ќе се чува централно, со монитори што детектираат кога треба да се собере ѓубрето.
Од 42.000 домови што се градат, повеќе од 70 отсто ќе бидат ставени на располагање со долгорочен закуп. Цените на двособните апартмани почнуваат од 82.0000 долари, а првите станови треба да завршат во 2023 година.
Сите жители ќе имаат пристап до апликација што ќе им овозможува да ја следат нивната употреба на енергија и вода. Дигиталните екрани во секој блок во меѓувреме ќе ги информираат станарите за нивното колективно влијание врз животната средина, што дури може да ја поттикне конкуренцијата меѓу станбените блокови.
Поврзување со природата
Интеграцијата на природата и станбените области создава повеќе можности за луѓето да комуницираат со природата. Покрај гореспоменатиот шумски коридор, жителите на градот ќе имаат и пристап до земјоделството во таканаречената област за плантажи.
- Освен промовирање и заштита на биодиверзитетот, зачувувањето на природата на оваа локација може да доведе до понатамошни промени во однесувањето. Постојат многу примери, од целиот свет, што покажуваат дека промената на нашиот однос кон природата преку секојдневните средби им помага на луѓето да преземат активности во животната средина. На тој фронт, мислам дека биофилниот дизајн и план на „Тенгах“ е одличен - вели Хамел.
Извор:
CNN
Фото: Тhe Housing & Development Board