Детската литература, односно привлекувањето на најмладите читатели е во фокусот на годинашното 34. издание на Саемот на книгата што од денеска до 9 мај ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“. На саемот ќе учествуваат над 60 издавачки куќи од земјава, како и од Турција, Србија, Косово и Албанија.
Освен редовниот термин на одржување, годинава се враќаат и групните посети за учениците од средните и основните училишта. За време на Саемот ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца.
По повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, на Саемот ќе се одржи промотивен настан под наслов „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!“, на кој ќе биде даден осврт на најзначајните творци на македонската книжевност Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев.