X
 03.07.2018 Образование

Нема поголема награда за еден професор од успешниот настап на ученикот и овациите што ги добива

Ритамот на денешницата се одразува и врз концентрацијата, односно врз работата на учениците, но и врз некои конкретни анатомски состојби, како што е држењето на телото, вели проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска



Соња Здравкова-Џепароска (фото: Владо Мартиновски)

Задача, но и предизвик на балетските професори е да не бидеме крути во начинот на едукација, туку и ние да се приспособуваме на промените што ги носи денешницата и да внесуваме нови методи во наставата. Не можеме да се вратиме наназад, ова време носи свои недостатоци, но и придобивки. Треба да најдеме начин да ги исправиме првите, имплицитно за делот на балетската едукација, а вторите да ги искористиме – вели  проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска. Учебната година што измина беше повеќе од успешна за неа. Со своите ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ на неколку натпревари освои вредни награди.

Какво е чувството кога резултатите излегуваат на виделина?


- Образованието на еден балетски играч трае повеќе од осум години, во зависност од наставните планови. Конечниот резултат е видлив некаде кон крајот на таа обука. Овој период дел од мојата класа го заокружува своето образование и зачекорува на професионалната сцена, така што сите признанија и награди што ги добија (би ги издвоила во овој контекст Виолета Карајанова и Мартина Димовска) годинава се крунисување на еден долготраен процес. За еден педагог нема поголема награда од успешниот настап на неговиот ученик, овациите и аплаузите што ги добива, како и онаа, би рекла родителска поврзаност која останува засекогаш помеѓу професорот и ученикот.

Што, за Вас, претставува педагошката работа? Имате ли добри примери од времето на Вашето образование, по чии стапки се трудите да чекорите?

- Во времето на мојата едукација во балетското училиште уште многу рано сфатив дека педагогијата е тоа што ме провоцира, интересира и го гледам како сопствена професија. Мојата професорка Снежана Филиповска го поддржа и го насочи овој интерес, за што сум ѝ многу благодарна. Бидејќи имав среќа моето образование да го продолжам во Русија на најреферентната институција за балетска педагогија ГИТИС (Државен институт за театарска уметност), оттаму би ги издвоила: Јарослав Сех, Тамата Тучнина, Раиса Стручкова, Владимир Васиљев, Лариса Трембовиљска и плејада бардови на советскиот балет. Би завршила со жената која ме научи да размислувам научно, која ми ја даде теоријата како инструмент, а тоа е професорката Јелена Лужина. Со неа ги поминав последните скалила на моето образование, станав свесна за еден нов интерес кој само се надоврзуваше на сето она што го работев претходно, но фрли нова светлина врз моето професионално профилирање.

Се добива впечаток дека во последните години расте интересот за балетската уметност кај нас. Дали е точно и каков е интересот кај момчињата?

- Јас, сепак, можам да зборувам за сопствената класа во „Луј“, каде што сум ангажирана како надворешен соработник и поконкретно за студиите по балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Интересот кај момчињата се зголемува во споредба со периодот пред десетина години, но тој е неспоредливо помал во однос на девојчињата. Морам да признаам дека изговорот за нашата балканска патријархална средина, обременета со стереотипи во однос на одредени професии, не е сосема оправдување. Имено, бидејќи изминатиот период имав можност да посетам неколку балетски училишта во Германија, Унгарија, Романија, можам да согледам дека машкиот кадар е дефицитарен во глобални рамки. Дури и оние послободни форми на танцов израз, како модерниот и современиот танц, каде што естетиката е сосем поинаква, се судираат со идентична состојба. Излезот од оваа ситуација е постојана промотивна работа, разработена стратегија за привлекување машки кадар и одредени поволности, како стипендии.

                             Со лауреатите на натпреварот X Dance (фото: Сашо Стојановски)

Балетската уметност бара, пред сѐ, голема посветеност и дисциплина. Со промената на генерациите, кои растат во брзо и технолошки исполнето време, чувствувате ли разлики и кај децата што ја избрале оваа уметност?

- Рефлексиите од актуелниот животен стил секако дека се забележителни. Динамиката и ритамот на денешнината се проектираат и врз концентрацијата, односно врз работата на учениците, но и врз некои мошне конкретни анатомски состојби, како што е држењето на телото.
Задача, но и предизвик на еден балетски професор е да не биде крут во начинот на едукација, туку да се приспособува кон овие промени и да внесува нови методи во наставата. Ние не можеме да се вратиме наназад, ова време има недостатоци, но и придобивки. Треба да најдеме начин да ги исправиме првите, имплицитно за делот на балетската едукација, а вторите да ги искористиме.

Вие сте посветени на балетската педагогија за класичен балет и за современ танц на ФМУ. Дали е време и за факултет за балетски изведувачи кај нас?

- Прашањето на потребата за високообразовна институција која ќе продуцира кадар во делот на изведувачките практики не само за класичен балет, туку зборувам за еден широк спектар на изведувачки техники, е нееднозначен и мошне комплексен. Но, лично имам јасен став по тоа прашање. Работниот век на еден играч, особено во делот на класичниот балет (морам да потенцирам дека не зборувам за правната рамка која во Македонија беше изменета пред извесен период), е оптимално до првата половина од 40-тите години за двата пола и во овој кус период се гради кариерата и играчот се реализира на сцената. Балетската едукација е така проектирана да го подготвува играчот за професионалните задачи. Секое одложување од три или четири години (колку што би траеле студиите), прави ненадоместлива штета во однос на редукцијата на сценската продуктивна активност на изведувачите и нивниот професионален ангажман. Сепак, танцот е уметност на младоста, свежината...

Што Ве очекува во наредниот период? Дали можеби некоја нова книга?

- Се обидувам паралелно да бидам присутна во делот на педагошкиот ангажман, што се рефлектира со продукција на уметници кои ги подготвувам за сцената, но преку студентите кои треба да станат новата генерација на едукатори. Од друга страна, се обидувам да не го запоставам сопствениот ангажман и удел во сферата на развојот на танцовата теорија. Член сум на неколку меѓународни асоцијации, што подразбира учество на конференции, конгреси, симпозиуми, како и публикување трудови во нивните изданија.
Можам да најавам еден голем меѓународен симпозиум зад чија организација и реализација стојам лично како дел од програмскиот комитет со поддршка на управата на факултетот, каде што ќе дојдат еминентни имиња од САД, Русија, Австрија, Франција, Полска, Словачка, Чешка, Словенија, Хрватска, Бугарија итн. Овој вид настани ја впишуваат Македонија на мапата на истражувачките центри и ја етаблираат научната мисла. Освен тоа, дел сум од еден билатерален истражувачки проект во областа на истражувачките уметности помеѓу Македонија и Словенија, кој е во завршна фаза и кој ќе биде финиширан со научна конференција и публикација.
Во мај ме поканија од Унгарската академија за танц, каде што одржав серија предавања. Така што, постојано нешто се случува, материјалот за мојата следна книга е готов веќе три години, само се дополнува, но неговото издавање е прашање на финансиска поддршка.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование