X
 03.07.2018 Култура

Така зборуваше Брандо: „Ако не знаеш да живееш, не си жив!“

Од раните улоги во филмовите „Трамвајот наречен желба“ и „На доковите на Њујорк“ во режија на Елија Казан, во педесеттите години на минатиот век, а особено со улогата на дон Вито Корлеоне во култниот филмски серијал „Кум“, Марлон Брандо ќе остане запаметен како еден од најдобрите актери на сите времиња.

Начинот на глума што го покажал во „Трамвајот наречен желба“ вовел револуција во актерството затоа што тоа претходно не било забележано.

Вториот „Оскар“, со кој бил награден за улогата во „Кум“, одбил да го прими, па станал вториот актер во историјата на Холивуд што го направил тоа. Причина за неговиот бојкот на доделувањето на наградите бил начинот на кој се прикажувале Индијанците во американските филмови. Брандо бил голем активист за граѓански права и член на Индијанското движење.

Репутацијата на лошо момче ја стекнал не само поради улогите на бунтовник, туку и поради своето слободно однесување.

Така, во јуни 1973 година му ја скршил вилицата на папараци-фотографот Рон Гарел. По ова, тој носел кацига за американски фудбал секогаш кога требало да го слика Брандо.

Славниот актерски бард бил непосреден човек, полн со мудрости кои со задоволство ги споделувал со светот, па така многубројни негови изреки и денес често се цитираат:

1. „Бескорисно е да жалиш во животот. Тоа е работа на минатото. Сè што имаме е сегашноста.“

2. „Приватноста не е само нешто на кое имаме право, таа е основниот предуслов.“

3. „Постарите веруваат во сè, луѓето на средни години се сомневаат во сè, а младите знаат сè.“

4. „Телевизијата е измислена за неписмените да имаат причина да носат очила.“

5. „Никогаш не мешајте ги висината на хонорарот со количината талент што некој ја поседува.“

6. „Факт е дека сите што сакаат нешто се служат со актерски техники: од детето што вреска за сладолед до политичарот кој настојува да ги п(р)отресе срцата и паричниците на потенцијалните гласачи.“

7. „Ако не знаеш да живееш, тогаш и не си жив!“

8. „Единствената причина поради која сум во Холивуд е тоа што немам доволно морал и храброст да ги одбијам парите.“

9. „Актерот најмногу е поет, а најмалку забавувач.“

10. „Ништо повеќе не ми го вознемирува желудникот од гледањето актери кои на телевизија зборуваат за својот приватен живот.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура