X
 03.07.2019 Живот

Во земјава има вкупно 183 амбулантни возила, стари по околу 11 години

Во земјава има вкупно 183 амбулантни возила со кои располагаат 47 здравствени институции. Просечната старост на овие возила е 11 години и дури 53 отсто се добиени како донација или на користење од друга здравствена институција, покажува базата на податоци на сите амбулантни возила во земјава, санитетски и возила за брза помош, што денеска ја објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Најмногу амбулантни возила има во Скопје, 30, а во Охрид и Битола по 12. Следуваат Велес и Куманово каде што има по осум амбулантни возила. Двете најстари возила се од 1988 година, а најупотребуваното има поминато дури 1 милион и 360.000 километри.

- За споредба со амбулантните возила, министерствата и општините, според базата на податоци што Центарот за граѓански комуникации ја објави во октомври 2018 година, имаат на располагање 2.645 патнички возила, што значи дека на секое 15. патничко возило доаѓа по едно амбулантно возило - велат од Центарот.

Базата на податоци е изработена врз основа на добиени одговори на барања за слободен пристап од сите 90 здравствени институции во земјава.

Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамките на активноста јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот