Куќата имала приземје и два ката. Во неа фамилијата Робевци живеела 35 години
Кој и кога ја изградил Куќата на Робевци, еден од најмаркантните примери на охридската архитектура. Денес тука е сместена поставката на охридскиот музеј, но во минатото се користела за живеење. Во време на изолација и вонредни околности поради коронавирусот, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид на својата
Фејсбук страница почна да објавува информации и факти за објектите и локалитетите во кои работи и за кои се грижи оваа институција.
„На местото каде што денес се наоѓа Куќата на Робевци постоела друга куќа, сопственост на Јаким Пендо од маалото Геракомија, која во 1825 година ја откупиле браќата Ангеле и Анастас Робеви. Тие ја урнале таа куќа до темел и во 1827 година изградиле нова. Зад неа, на северната страна, подигнале магаза од камен, над која имало амбари за жито“, пишува во текстот.
Една од одаите во куќата
Куќата имала приземје и два ката. Во неа фамилијата Робевци живеела 35 години, до јануари 1861 година, кога ја запалил Устреф-бег - познатиот злосторник од Охридско. Две години траела обновата на куќата. Во 1863 година завршила изградбата, а ликот го задржала до денес. Левата половина била за Константин Робев, а десната за Анастас (Тасе) Робев.
Главен градител бил мајсторот Тодор Петков (1814-1899) од мијачкото село Гари. Тој бил од родот на Огненовци, познат македонски резбар и градител. Под негово раководство бил направен и ентериерот на куќата: резбаните тавани, долапи и други украсни елементи.
Таваницата изработена во резба
- Но, за да се разликуваат резбите, за делот од куќата што му припаѓал на Ангеле биле ангажирани други мајстори-резбари од Дебар. Во текот на работата во двете половини на објектот на копаничарските тајфи им било забрането да се гледаат помеѓу себе, па затоа левата половина на куќата, во која живеел Константин, се разликува од другата половина во која работеле други мајстори - објаснуваат од охридскиот музеј.
Куќата на Робевци, која претставува двојна зграда-братска куќа, и според големината и по архитектонскиот израз претставува своевиден статусен симбол за семејството, чии трговски врски воделе од Истанбул до Виена, Трст и Лајпциг. Фамилијата Робеви живеела во оваа куќа до 1900 година. Д-р Константин Робев со фамилијата живеел во левата половина на куќата и тоа само летно време, а во останатите месеци од годината живеел во Битола. Во десната половина живееле синовите на Анастас Робев: Јаким, Димитар, Никола и зетот на Константин, Иван Паунче.
Дел од мебелот
Од 1913 до 1919 година во делот на Константин Робев била сместена српската војска. Откако заминала, куќата била значително оштетена. Дел од резбите биле демонтирани, однесени во Ниш и засекогаш исчезнале без трага. Во 1920 година делот од куќата што му припаѓал на Константин служел за сместување на земјоделските производи добиени од имотот на Робевци. По ослободувањето куќата на Робевци била заштитена како споменик на културата.
Дел од музејската поставка - златната маска и ракавица од Горна порта
Во јуни 1950 година во неа е сместен Народниот музеј во Охрид, а во 1951 година е ставена под заштита на Законот за културно-историски споменици. Зградата е национализирана во 1953, а во 1959 година е предадена на трајно користење на Народниот музеј, денес Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид. Пролетта 1973 година почнала и реконструкцијата на Куќата на Робевци, која со прекини траела до 1990 година. Денес е музеј со спомен-кат за семејството Робевци, со презентација на археолошкото богатство на Охридско-струшкиот Регион и со презентација на охридската резба во ширванот на куќата, кој и доби функција на Охридска резиденција.
Кон крајот на 2018 година куќата на Робевци е промовирана со целосно обновен ентериер, осовременета археолошка и нова етнолошка поставка.
Фото: Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид