X
 03.07.2023 Образование

УКИМ го објави Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје го објави Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии на студиските програми во учебната 2023/2024 година.

Најголемиот универзитет во земјава годинава има вкупно 10.473 слободни места за нови студенти, од кои 5.074 се за редовни кои се финансираат од Буџетот и плаќаат 200 евра партиципација, 4.439 се за редовни со школарина, кои плаќаат по 400 евра и 960 се за вонредни студенти.

Притоа, најмногу студенти годинава ќе прими Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - вкупно 1.150, по што следуваат Правен со 1.055, Природно-математичкиот факултет со 1.050 итн.

Првиот рок за пријавување кандидати што се рангираат само според успехот од средното образование е на 30 и 31 август, вториот на 18 и 19 септември, а третиот на 28 септември. По објавувањата на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 12 и 13 септември, на 26 септември и на 30 септември, соодветно според рокот на пријавување.

Првиот рок за пријавување на кандидатите кои се рангираат според успехот од средното образование и според проверката на знаењата и умеењата е на 30 и 31 август, додека проверката на знаењата е на 1 септември. Вториот рок за овие кандидати е на 18 и 19 септември, а проверката на знаењата на 20 септември. Третиот рок е на 28 септември. По објавувањето на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 12 и 13 септември, на 28 септември и на 30 септември, соодветно според рокот на пријавување.

ТУКА можете да го прочитате целиот конкурс, да погледнете кои документи ви се потребни за упис и колку слободни места има на секој факултет во рамките на најголемиот универзитет во Македонија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование