X
 29.08.2018 Образование

Прв уписен рок на државните универзитети

Вкупно 21.778 бруцоши ќе го почнат високото образование во академската 2018/2019 година. Првиот уписен рок на државните универзитети е утре и задутре. Очекувано, најмногу студенти ќе прими најголемиот, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има место за 11.661 студент. Од нив, 5.913 ќе може да се запишат во редовната квота, 4.573 со кофинансирање, а 1.175 како вонредни студенти.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип годинава има место за 5.037 бруцоши. Од нив 3.078 ќе се запишат во редовната квота, 1.064 студенти со кофинансирање, а 895 како вонредни студенти.

На битолскиот Универзитет ,,Св. Климент Охридски“ во наредната учебна година има место за 3.635 студенти - 2.005 редовни, 1.015 со кофинансирање, 615 вонредни.

На Државниот универзитет во Тетово и на „Мајка Тереза“ во Скопје уписите почнаа во понеделникот и ќе траат до задутре. Во Тетово се отворени 3.185 бруцошки места. Од нив, 1.560 ќе студираат редовно, 1.275 со кофинансирање, а 350 како вонредни студенти. На најмладиот универзитет, пак, ќе се запишат 1.445 студенти – 870 редовни, 355 со кофинансирање и 230 како вонредни студенти.

Во зависност од универзитетот, прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 4 и 5 септември, а конечните на 6, односно 7 септември. Вториот уписен рок е на 13 и 14 септември, а третиот на 25 септември.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование