Во новата академска година, УКЛО преку различни студентски приказни и иницијативи ги покажува вредностите што ги негува како дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС. Еден од примерите е Факултетот за биотехнички науки – Битола, каде што се гради академска средина во која секој студент има свое место.
Овие вредности беа во фокусот на новата академска година на ФБН, каде и првиот час беше во знакот на пораката дека Факултетот за биотехнички науки е академски дом отворен и достапен за секој студент – место во кое секој има можност да учи, да се развива, да придонесува и да се чувствува како рамноправен дел од заедницата.
Деканката, проф. д-р Елена Јошевска истакнува дека секоја нова академска година е нов почеток, но и можност за потсетување каква академска заедница сакаме и сме подготвени да градиме. - За нас, тоа е заедница во која секој студент е еднакво важен, во која се почитуваат различностите, се создаваат еднакви можности и секој има простор да го развива својот потенцијал. Универзитетот не е само место каде што стекнуваме знаење и дипломи. Тој е место каде што се среќаваме со различни луѓе, учиме едни од други и заедно ги градиме вредностите на заедницата на која припаѓаме. Затоа, инклузивноста, почитувањето и солидарноста не треба да бидат само принципи што ги наведуваме, туку вредности што ги живееме во нашето секојдневие. Верувам дека токму таква академска средина им овозможува на младите не само да бидат успешни во својата професија, туку и да растат како одговорни, отворени и активни членови на општеството. Тоа е и идејата што сакаме да ја негуваме – Факултет и Универзитет во кој секој студент може да се чувствува прифатен, рамноправен, почитуван и охрабрен да придонесува.
Оваа определба на Факултетот за биотехнички науки - Битола е важен дел од пошироката заложба на целиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола и сите негови единици - за градење академска средина во која инклузијата, еднаквоста, почитувањето на различностите и студентското учество се важни за севкупен и исполнет живот.
Во различни единици на УКЛО овие определби се преточуваат во конкретни активности и иницијативи, во согласност со потребите и спецификите на нивните студентски заедници. Воедно, како член на Европската универзитетска алијанса
КОЛОРС, УКЛО дополнително ги развива и афирмира европските академски вредности, создавајќи можности студентите не само да стекнуваат знаење, туку и да бидат активни учесници во академска заедница која негува и афирмира современи вредности: еднаквост, почитување, солидарност и инклузивност, потврдувајќи се како академски дом за секој студент, место за еднаква можност за едукација, развој и рамноправност.
(Комерцијална објава)